Судењето за „Организаторите на 27 април“, во врска со настаните во Собранието од 27 април 2017 година, продолжи денеска со сослушување на сведоци на одбраната на поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, во Кривичниот суд.
Оливер Деркоски како сведок пред судот, кажа дека немал функција во периодот од 2016 до 2017 година, кога бил член на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Тој додаде и дека не членувал во вибер-група поврзана со случувањата во Собранието, иако бил член во повеќе групи на апликацијата за комуникација. Деркоски тврди и дека не постоела комуникација со Миле Јанакиески и Спиро Ристовски во врска со протестите за „Заедничка Македонија“.
Владимир Неловски рече дека по завршувањето на работното време на 27 април 2017 година бил во ресторан со Диме Спасов и со Владимир Стојковски, со кои отишле до Собранието, откако виделе што се случува. Потоа тој отишол во штабот на ВМРО-ДПМНЕ каде што се сретнал со Ристовски, Јанакиески, Зоран Ставревски и повеќе тогашни функционери на партијата, бидејќи требало да присуствува на седница на Извршен комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
Во овој предмет обвинети се поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски, поранешните министри за транспорт и врски и за образование, Миле Јанакиевски и Спиро Ристовски, како и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски, кои се товарат дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста”.
Судењето ќе продолжи на 2 март, со што на следното рочиште треба да бидат презентирани материјални докази.