На денешното рочиште за предметот „Титаник“ на СЈО, адвокатот Димитар Дангов побара обвинителката Лиле Стефанова да биде изземена од застапување во предметот.
– Со респект кон обвинителката Лиле Стефанова, кон која сите во салата имаат почит, таа нема право да го застапува овој предмет“ – рече Дангов.
Тој образложи дека тоа е поради правните дејствија во предметот „Рекет“.
Обвинетиот Илија Димивски рече дека бара во предметот „Титаник“ да прекине главната расправа, до завршување на постапката во Советот на јавни обвинители и Собранието за Катица Јанева, бидејќи не е сигурно дали други предмети на Јанева, како што рече, се инфицирани со сериозни сомнежи, рекет кон бизнисмени и уцени кон политичари.
Судијата Осман Шабани даде получасовна пауза.
Покрај поранешниот премиер Никола Груевски, во овој случај обвинети се и поранешните функционери Мартин Протоѓер, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, како и Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристовски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.
СЈО ги обвини за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.