Ослободувањето на Саша Богески, кој мораше на суд да докаже дека не ја надминал нужната одбрана во мај 2013 година, кога го уби провалникот во неговиот стан, повторно го отвори прашањето кога е неопходно да се докажува дали „нужно“ сте се бранеле. Овој случај ја кребна на нозе јавноста уште во самиот почеток, а правниците даваа различни толкувања. Најнапред српската, а потоа и јавноста во регионот се крена на нозе застанувајќи на страната на Богески и оправдувјќи го неговиот чин. Во неколку балкански земји, дури се потпишуваше петиција во која се бараше Богески да не биде земен на одговорност затоа што го бранел семејството и немал друг избор
Вишиот суд во Белград донесе ослободителна пресуда во корист на Саша Богески, кој во мај 2013 година со нож го усмрти провалникот Владимир Маниќ во својот дом во Жарково. Како што стои во одлуката на судот, Богески дејствувал во самоодбрана, поради што е ослободен од обвиненијата дека ги пречекорил границите на нужна одбрана и убил човек. Бидејќи станува збор за првостепена пресуда, обвинителството има право на жалба на Апелацискиот суд.
Кога се случи овој настан, целокупната јавност му даде едногласна поддршка на Богески. Маниќ насилно влегол во станот на семејството Богески и со шрафцигер го нападнал Саша. Богески се бранел со кујнски нож и, по кратко буткање, Маниќ избегал од станот со убодни рани, а по четиристотини метри паднал и починал. На судењата, Саша Богески се бранел со аргументите дека слушнал шумови во својот дом додека неговата ќерка и сопруга се подготвувале за спиење.
Веднаш по настанот, повеќе балкански медиуми се занимаваа со случајот на Богески и со контроверзното прашање за тоа што значи да се пречекорат условите за нужна самоодбрана, каде е границата и како е дозволено да се браните. Познавачите на состојбите и правниците тогаш објаснуваа што значи нужна одбрана. Во теорија, убиство во самоодбрана не се квалификува како кривично дело. Меѓутоа, теоријата и практиката се разидуваат во одредувањето на самоодбраната. Експертите велат дека убиството од нужна одбрана е толку тешко да се докаже што речиси и „не се случува“. Првенствено, нападот и одбраната мора да бидат во исто време, оружјето со кое се спротивставува нападнатиот мора да биде исто или помалку опасно од она на напаѓачот, а одбраната и нападот не е дозволено да се разликуваат по употребеното количество сила. Од таа перспектива, „борбата“ на Богески со крадецот и петте убоди со нож на неговото тело за бирократско-обвинителските анализи излегуваат од рамките на нужна одбрана.
Правото на одбрана на приватниот имот и одбраната на својот и животот на сопственото семејство е несомнено право, но само на телевизија, во холивудските филмови и серии, каде што може да се забележат вакви примери. Следствено, во САД правото на живот и домот, како приватен имот, е свето. Едноставно, нема што да барате во туѓ дом ако не сте повикани. Не постои можност правата на криминалецот и на крадецот да бидат пред правата на недолжниот човек, кој не избрал да се најде во ситуација очи во очи со непознат напаѓач. Но во Србија, а и општо на Балканот, приказната е сосема различна. Во државата во која никој не поседувал ништо, освен тоа што му го дала државата, приватниот имот не е можно да се карактеризира како нешто „свето“.
Законот ја проширил категоријата „нужна одбрана“ и на заштита на имот, односно на материјалните добра. Но досега немало ситуација некој да биде ослободен од пресуда за убиство во нужна одбрана, кога му бил загрозен имотот. Експертите велат дека ретко се случува обвинителството да ја работи реконструкцијата и да тргне од намерата на крадецот, односно напаѓачот. Имено, обвинителството таа процена најчесто му ја остава на судот, а практиката вели дека некој што сторил убиство во самоодбрана ретко се ослободува.
Се веруваше дека случајот на Саша Богески може многу да ги промени работите на ова поле. Не да го измени законот, туку многубројните петиции што ги потпишаа десетици илјади луѓе покажаа какво е мислењето на јавноста за овој правен „феномен“. И веројатно се веруваше дека овој случај може да влијае на промени на судско-обвинителската практика.
Како „совет“ број еден за одбрана на домот најчесто се споменува бејзбол-палката, бидејќи таа е спортски реквизит, не е оружје и не постои „законски неприфатлива убоитост“, а во екстреми случаи може да послужи и за застрашување на провалникот. Треба да се има предвид дека не е пожелно да се удира противникот во глава, бидејќи ако дојде до фатални последици, судот не го гледа средството за одбрана. Дури и ако постојат потешки повреди на провалникот, може да се случи оној кој што се бранел да биде обвинет за убиство.
Голем дел правници и познавачи на правото велат дека е сосема бесмислено во очите на обвинителството, правата на некој што напаѓа да бидат пред оние на тој што се брани. Некои од експертите сметаат дека овој проблем во правниот систем постои уште од времето на комунизмот и е разјаснет. Тогаш постоела доктрина дека приватната сопственост не може да биде поважна од чиј било живот. Тогаш постоел постојан страв од тоа дека некој ќе се ослободи поради нужна одбрана. Исто така, експертите се согласуваат дека оваа судска практика е необјаснива и неверојатна. Тие прават некоја паралела со полицајците, кои за да влезат во нечиј стан, мора да имаат еден куп документи, дозволи и налози, и излегува дека провалниците можат полесно од полицијата да влезат во туѓи имоти и домови и да бидат во поповолна позиција од сопственикот на имотот.
Познавачите се согласуваат со тоа дека терминот „нужна одбрана“ се дефинира во ужасно тесни граници. Дозволено ви е да пукате доколку некој пука во вас. Судиите најчесто би ги ослободувале луѓето со случаи како Сашко Богески, но вообичаено биле спречени поради законите и судските практики. Бидејќи, ако во педесет случаи нешто е окарактеризирано како убиство, не може судијата во 51-от случај да донесе различна судска одлука и судиите најчесто го компензираат ова со изрекување на најниските можни предвидени казни, посочуваат експертите за оваа тема.
Здравата логика наложува дека човекот кога ќе се сретне со крадец во својот дом, додека во соседната соба му спијат децата, не треба да размислува на правни категории. Но, сепак, ниту советот „пукај и не размислувај многу“ не е нешто што ќе го изговори секој. Не постои идеална самоодбрана. Како и да е, најголем број луѓе што ќе се најдат во ваква или слична ситуација дејствуваат по инстинкт. Кога станува збор за начинот на самоодбрана, поголемиот дел експерти се согласуваат дека е невозможно да се предвиди како ќе реагира некој човек во одредена ситуација. Сите размислуваат и дејствуваат различно и тешко е да се дефинира најдобрата самоодбрана во ситуација кога човекот е нападнат. Малку е веројатно дека некој ќе го чита овој закон и стриктно ќе се држи до него во вакви стресни ситуации, бидејќи реакциите се должат на стравовите и искуствата што постојат кај луѓето од најраната младост и детство, велат психолозите.
Едно од многуте прашања што се отвораат во ваквите ситуации е каде е границата на тоа што значи нужна одбрана и дали во ситуација кога нападнатиот е обземен од природен страв, можно е да се ограничи одбраната, за понатаму полицијата и обвинителните да не го протолкуваат тој потег како пречекорување на нужната одбрана. Дали Сашко Богески денес не би бил во притвор доколку, наместо пет пати, само трипати го прободел напаѓачот?
Секако, тоа прашање не може да се одговори, но може да се појасни дека поради голем страв, постојат големи изгледи да се надмине прагот на дозволена самоодбрана, а тоа всушност е и најголемиот проблем во ваквите ситуации, бидејќи стравот е тешко мерлив и тешко се докажува на суд.
Најкомплицирано во овие случаи е кога ќе се сретнат две лица што се плашат еднакво. Еднакво е опасен и стравот на криминалецот, кој, да речеме, очекува да затекне празен стан или куќа, и присуството на домаќинот, кој, пак, може да предизвика ситуации во кои тој може да убие. Голем дел правници сметаат дека темата самоодбрана воопшто не се разработува и дека законодавците треба да земат предвид некои посовремени правни практики. На пример, во САД оваа тема е многу добро опфатена од сите можни аспекти и таму може да ве убијат доколку на каков било начин сте повредиле туѓ имот. Конкретно, во случајот на Богески, проблемот се состои во тоа што човекот продолжил да ја брка жртвата надвор од станот, наместо да ја остави да избега. Експертите сметаат дека тоа е апсолутно надминување на самоодбраната, дури и повеќе од тоа.
Законот е доста рестриктивен и кога станува збор за средствата за самоодбрана. Така, да речеме дека спрејот „пепер“ е незаконски, како и ножевите што се подолги од дванаесет сантиметри. Се смета дека и носење на овие видови самоодбранбени алатки може да биде контрапродуктивно, бидејќи напаѓачот може да ги земе во свои раца и да ги употреби против жртвата.
Државата е обврзана да ги штити луѓето, но и ќе ги казни доколку сами се бранат и го надминат она што законот го дефинира како дозволено и самоодбрана. Законите треба да ги штитат луѓето, но не постои објаснување за тоа како законот може да го зачува животот на некој пред кого има криминалец со револвер. Ц.Х.