Полициските сили низ светот уапсија 150 осомничени вмешани во купување или продавање недозволени стоки на т.н. темната мрежа (Дарк веб). Тој голем оперативно-тактички зафат е интегрален дел од координирана меѓународна операција, во која се вклучени девет земји. Во оваа акција се запленети повеќе од 26,7 милиони евра (31 милион американски долари) во готовина и виртуелни валути, како и 234 килограми дрога и 45 парчиња огнено оружје. Запленетата дрога вклучува 152 килограми амфетамин, 27 килограми опоиди и над 25.000 таблети екстази
ДАРК ВЕБ, ЦРНАТА ИНТЕРНЕТ-МРЕЖА ЗА ЛОГИСТИКА НА КРИМИНАЛЦИТЕ
Како последица на сѐ помасовното ориентирање на луѓето кон интернетот, како моќна алатка што ги олеснува животот и секојдневието, дилерите на наркотици ја ориентираа продажбата на дрогата користејќи го токму интернетот. За тоа најчесто ја користат таканаречената Дарк веб, црната интернет-мрежа, која е достапна и ја користат само оние што играат нелегалноно, односно се на спротивната страна на законот.
НА ДАРК ВЕБ КАКО НА ОБИЧЕН ПАЗАР
Полициските сили низ светот уапсија 150 осомничени вмешани во купување или продавање недозволени стоки на темната мрежа, како дел од координирана меѓународна операција, во која се вклучени девет земји.
Во оваа акција се запленети повеќе од 26,7 милиони евра (31 милион американски долари) во готовина и виртуелни валути, како и 234 килограми дрога и 45 парчиња огнено оружје. Запленетата дрога вклучува 152 килограми амфетамин, 27 килограми опоиди и над 25.000 таблети екстази.
Оваа операција, позната како „Дарк хантор“ (Dark HunTOR), беше составена од серија одделни, но комплементарни акции во Австралија, Бугарија, Франција, Германија, Италија, Холандија, Швајцарија, Обединетото Кралство и САД, предводени од Европол и Европравда.
Операцијата „Дарк хантор“ произлегува од отстранувањето на „Дарк маркет“ на почетокот на оваа година, тогаш најголемиот нелегален пазар во светот на темната мрежа. Тогаш германските власти го уапсија наводниот оператор на пазарот и ја запленија криминалната инфраструктура, обезбедувајќи им низа докази на истражителите низ светот.
Во акцијата, 150 продавачи и купувачи што се занимаваа со десетици илјади продажби на недозволени стоки беа уапсени низ Европа и САД. Голем број од овие осомничени беа окарактеризирани како високоризични од страна на Европол. Уапсени беа 65 лица во САД, 47 во Германија, 24 во Обединетото Кралство, четири лица во Италија и Холандија, тројца осомничени во Франција, двајца во Швајцарија и едно лице во Бугарија. Сè уште се во тек голем број истраги за дополнително да се идентификуваат лица што стојат зад сметките на темната мрежа.
Во рамките на оваа операција, италијанските власти ги затворија темните веб-пазари „Дип Си“ и „Берлускони“, кои заедно извршиле повеќе од 100 илјади продажби на нелегални производи. Уапсени се четворица администратори и запленети 3,6 милиони евра криптовалути.
– Поентата на операциите како што е оваа е да се известат криминалците што работат на темната мрежа дека заедницата за спроведување на законот има средства и глобални партнерства за да ги разоткрие и да ги повика на одговорност за нивните нелегални активности, дури и во областите на темната мрежа – истакна заменик-извршниот директор за операции на Европол, Жан-Филип Лекуф.
ПОЛИЦИЈАТА КОНЕЧНО ВЛЕЗЕ ВО ШЕМАТА НА ЦРНАТА СТРАНА НА ИНТЕРНЕТОТ
Со оглед на големиот број удари на криминалците што својот црн бизнис го остваруваат на темните интернет-мрежи, експертската јавност смета дека темната мрежа повеќе и не е толку темна и затскриена.
Како што криминалците имаат свои начини на пристап и илегална интернет-продажба, истите тие начини ги имаат и полициските власти низ светот, кои со заедничка соработка ги откриваат и затвораат темните мрежи.
Органите на прогонот веќе успешно навлегоа во системот и мрежата на Дарк веб, па лесно и успешно успеваат да ги откријат, идентификуваат и да им влезат во трага како на продавачите на нелегалните производи, така и на купувачите.
Секој што се одлучил да ја користи темната мрежа за да се стекне со одредени нелегални продукти што на интернет-просторот можат да се најдат само тука, се изложува на ризик себеси и сопствениот живот, бидејќи овој начин на купување какви било производи носи стравотни последици по поединецот што сака да ги користи.
Како што информираат експертите, купувачите на темната мрежа може да добијат повеќе од она за што се пазареле.
– Опоидите со фентанил, на пример, резултираа со голем број смртоносни предозирања. Исто така, нема гаранција дека некој ќе ги добие производите или услугите што ги купил – измамниците демнат околу секој дигитален агол, дури и на темната мрежа. Уредите може да бидат изложени на низа малициозни софтвери подготвени да направат хаос на податоците на купувачите. Ризикот од гонење и изведување пред очите на правдата е реален, бидејќи користењето на темната мрежа за криминални активности е казниво дело со затвор, пропишано во голем број земји.