Илустрација / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Детонациите на пиротехничките средства не се само атака на сетилата за слух туку и напад на нервниот систем, кој веќе подолго време ни е напнат. Детонациите го зголемуваат и нашето ниво на стрес, под чие влијание сме континуирано подолг временски период поради ковид-кризата, а и другите кризи што се нижат во низа во државава и регионов. Но мора ли дополнително да се стресуваме и потресуваме од детонациите на славеничката пиротехника? Покрај сѐ друго, тие што ја употребуваат пиротехниката како поттик на славеничката атмосфера мора да знаат дека повредите што може да ги нанесат овие експлозивни направи се сѐ почести – најчесто во пределот на двете дланки, но често има повреди и по лицето и другите делови од телото, од изгореници до губиток на меки ткива и коски…

Кампања против употребата на пиротехнички средства за време на претстојните празници

Крајот на годината и почетокот на секоја наредна е периодот во кој значително расте еуфоријата околу пристигнувањето на Нова година и божиќните празници. Иако изминатите две години новогодишните празници беа ставени во втор план, поради здравствената криза што му се случи на целиот свет, па и на Македонија, сепак, граѓаните за време на новогодишната прослава не го заборавија пукањето со петарди на улиците, дворовите и терасите, како и огнометите, но и пукањето со огнено оружје. И годинава веќе почнаа да се слушаат пукотници предизвикани од пиротехничките средства, кои, за жал, можат да се купат насекаде, а ги користат и децата.

ПРЕДУПРЕДУВАЊА, ПА ПОТОА КАЗНИ ЗА СЕКОЈ ШТО ЌЕ КОРИСТИ И ПРОДАВА ПИРОТЕХНИКА

И оваа како и изминатите години, Министерството за внатрешни работи почна со превентивна кампања, со која се апелира до граѓаните да не користат петарди.
Оттаму ја информираа јавноста дека употребата и продажбата на пиротехнички средства се опасни и казниви.
– МВР презема и репресивни мерки, за санкционирање на употребата на петарди и други пиротехнички средства и ги потсетува граѓаните за законските одредби во кои е санкционирана употребата на пиротехнички средства и нивната нелегална продажба – информираат оттаму.
Според Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, во членот 31 е предвидена глоба во износ од 200 до 500 евра во денарска противвредност за оној што неовластено пука од огнено оружје, употребува пиротехнички средства или сличен експлозивен или лесно запалив материјал или на сличен начин ги нарушува мирот и безбедноста на граѓаните.
Во Кривичниот законик, во членот 396 е предвидено недозволеното изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи, при што:
(1) Тој кој што неовластено изработува, држи, продава, набавува или врши размена со огнено оружје, муниција или експлозивни материи, ќе се казни со затвор од три до десет години.
(2) Ако предмет на делото од ставот 1 е поголемо количество на огнено оружје, муниција или експлозивни материи, или огнено оружје, муниција или експлозивни материи кои на граѓаните им се забранети, сторителот ќе се казни со најмалку пет години затвор.

КАКВИ ПОВРЕДИ СЕ СЛУЧУВААТ ПРИ КОРИСТЕЊЕ ПИРОТЕХНИКА

Од седум до седумдесет и седумгодишна возраст се корисниците на пиротехнички средства. Такви резултати покажуваат истражувањата на надлежните органи. Низ улиците на главниот град може да се забележат поголеми групи дечиња како низ игра детонираат петарди или активираат помал огномет, додека од страна ги набљудуваат татковците и дедовците. Во многу случаи дури родителите ги учат децата како „правилно“ да ги пукаат петардите. За жал, има и доста голем број „инвентивни“ методи на детонирање на пиротехниката, каде што со помош на петардите и стаклените шишиња прават „бомба“, која, кога стаклото ќе се распрсне, буквално дејствува како шрапнел.
За жал, неодговорното однесување на постарите членови во семејствата честопати резултира со жртви кај младите деца, бидејќи тие воопшто не се свесни со каква опасност си играат во овој период од годината.
Според директорот на универзитетската клиника за хируршки болести „Свети Наум Охридски“, Љубен Арсенов, периодот пред новогодишните празници е познат по желбата за забава, изненадување, подарување, но и по големата употреба на пиротехнички материјали.
– Овие материјали се делат според активната супстанција во нив, некои од нив прават чад, гас, ослободуваат топлина, светкаат, но во исто време ослободуваат и звучни ефекти. Голема е групата, но кај нас најчесто се употребуваат петардите, жижиците, светкавците и производи што прават помал огномет. Повредите што се стекнуваат од овие производи, најчесто се во пределот на двете дланки, но исто така може да има повреди и по лицето и другите делови од телото. Може да бидат од мали ранички, помали дефекти и помали и плитки изгореници, до големи повреди, со губиток на меки ткива и коски – вели тој.
Според него, згрижувањето на овие повреди секогаш е хируршко.
– Нашето долгогодишно искуство покажа дека најчесто повредите се кај машкиот пол, како кај малата, така и кај големата возрасна група, околу 50 пациенти на број. Сепак, среќни сме што свеста за овие повреди во последниве години постојано се подига преку организирање кампањи и едукација на децата до 14 години, преку предавања во училиштата како дел од грижата за детското здравје – вели Арсенов.


Петардите може да ги убијат и животните

Претстои периодот кога следуваат високи децибели на детонации, кои се случуваат и во раните утрински часови и во дневните периоди наменети за одмор и во вечерните часови. Оние што на овој начин го исполнуваат своето време и се забавуваат, според многумина анкетирани граѓани, се „садисти што воопшто не размислуваат за последиците што ги предизвикуваат“.
Пиротехниката, во која спаѓаат и петардите, сериозно го нарушува и животот на животните, а особено на оние што се на улица. Кучињата може да добијат смртоносни последици како реакција на неконтролираното пукање петарди. Многу кучиња во овој период од годината добиваат не само физички повреди туку и голем стрес, страв, психички шок, доживотни трауми, а често смрт од срцев удар.


Пиротехниката сериозно го загадува воздухот

Боите на огнометот се добиваат од хемиска мешавина, која е преполна со штетни гасови. Боите зависат од металите и металните соли што се користат за производство на огнометот и петардите. Различни метали даваат различни бои. На пример, соли од литиум даваат розова боја, натриумот, пак, дава жолта или портокалова боја, бакарот и бариумот даваат зелена и сина боја, а калиумот дава црвена боја.
Иако нивната реакција е моментална, тешките метали, за жал, не согоруваат со експлозијата. Напротив, во контакт со воздухот, тие создаваат гасови и чад како јаглероден диоксид, јаглероден моноксид и нитроген, а сите тие се едни од главните одговорни гасови за климатските промени.
При експлозија, овие метали остануваат и ги загадуваат воздухот и водата. Кога се вдишуваат, може да предизвикаат сериозни краткорочни и долгорочни последици по човековото здравје, како што се повраќање и дијареја, астма, бубрежни болести и различни видови канцер.

[email protected]