Со читање извештај од 31 мај 2017 година со дата-бази од СМС-пораки меѓу Миле Јанакиески и Зоран Ставрески почна денешното рочиште за „Траекторија“, на кое се присутни сите обвинети и нивните бранители.
Адвокатот Еленко Миланов ги оспори доказите и посочи дека постои наод и мислење од технички советник Орце Симов, кој укажува дека не може да се гарантира оригиналност на пораките. На тоа претседателот на судечкиот совет рече дека прво ќе се изведат доказите, а подоцна ќе се слушнат забелешките на одбраната.
Претпладнево во судот беа прочитани вкупно 103 пораки што биле разменети меѓу Јанакиески и Ставрески во периодот од 16 мај 2012 до 3 април 2013 година.
Од пораките, што се од 10 април 2012 година, се чита како Јанакиески му вели на Ставрески дека ЕБРД сака да го финансира патот Миладиновци – Штип. Ставревски пишува дека може и прашува дали има ништо ново од Кинезите. Јанакиески на тоа одговара негативно.
Во пораката од 13 април 2012 година стои дека имаат документација за Миладиновци – Штип и дека вчера му ја пратил понудата од Кинезите за кредит.
Потоа во судница се гледаа пораки од 19 јуни 2013 година за договарање со Ексим банка од Кина и за состаноци, па за одење во Кина на 17 и од 18 јули 2012 година, со податоци за лет во Кина преку Истанбул.
Во пораката меѓу Јанакиески и Ставрески од 26 јули 2012 година пишува „ако си на Извршен комитет спомни му на шефот за одење во Кина“.
Во пораката од 29 август 2012 година пишува „Оливер Шамбовски да потпише договор со Кинезите. Ориентационо Миладиновци – Штип околу 160 милиони евра од „Бетон“, чекам од „Гранит“. „Синохидро“ контакт“.
Јанакиески во порака од 7 ноември 2012 година го информира Ставрески дека едната кинеска компанија понудила 280 милиони евра, а другата 288 милиони евра, на што двајцата мислат дека едната компанија ја препишала понудата од другата.
Кинескиот амбасадор во порака од 27 ноември 2012 година го информирал Јанакиески дека ќе поддржат која било од двете кинески компании што сами ќе ја изберат македонските власти.
По паузата од еден час треба да бидат читани 156 пораки меѓу Јанакиески и тогашниот државен секретар во Министерството за транспорт и врски Елена Кузмановска.
Во „Траекторија“ се обвинети поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот директор на ЈП „Државни патишта“, Љупчо Георгиевски. Според обвинението на СЈО, тие ги пречекориле овластувањата при изборот на компанија за изградбата на автопатските делници до Штип и Охрид.