Со слушање на останатите „бомби“ на СЈО, по двомесечна пауза продолжи рочиштето за предметот „Траекторија“. Во Кривичниот суд присутни се обвинетите Никола Груевски, Владимир Пешевски, Миле Јанакиески и Љупчо Георгиевски, како и обвинителката Лиле Стефановска. Процесот го води судијата Горан Бошевски.
За „Траекторија“ во судницата треба да се преслушаат вкупно 315 „бомби“.
Во ауди материјалите што денеска беа пуштени се слуша поранешниот министер за траспорт и врски Миле Јанакиески како договара патување во Кина за група од пет луѓе вклучувајќи го и него. Со амбасадорот Оливер Шамбевски разговара за агендата во Кина, за договорени средби со претседателите на „Синохидро”, „Ексим банка”.
Во друг разговор Груевски бара од Јанакиески во изградбата на патиштата да се вклучи Љубисав Иванов – Ѕинго.
Поранешниот премиер Груевски, поранешниот вицепремиер Пешевски, ексминистерот за транспорт и врски Јанакиески и поранешниот директор на ЈП Државни патишта Георгиевски се обвинети дека во 2012/2013 година ги пречекориле своите овластувања во постапката за избор на компанија за изградба на автопатските делници до Штип и Охрид и нанеле штета на Буџетот на државата од најмалку 155 милиони евра.