Кај 23 возачи на моторни возила е утврдено присуство на алкохол при синоќешната контрола на Секторот за внатрешни работи Охрид.
Полициските службеници, како што соопшти портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски, контролирале 286 возачи, а алкотестирани биле 188 возачи во периодот од 23 до 05 часот.
– Во рамки на акциската контрола од сообраќај се исклучени 27 возила, а времено одземени се 23 возачки дозволи. Поради сторени прекршоци спротивни на Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата, издадени се 25 мандатни платни налози и два прекршочни платни налози, изјави Димоски.
СВР Охрид и понатаму ќе презема мерки кон сите учесници во сообраќајот со цел подигнување на сообраќајната безбедност и нагласување на потребата од почитување на сообраќајните правила и прописи.