Во согласност со обврската на институциите да застанат во заштита на жените и девојките, Владата ги повикува Обвинителството и судот да постапуваат бргу, одлучно и професионално и да бидат значаен и суштински дел од институционалниот одговор на санкционирањето на родовото и сексуалното насилство.
Владата вчера ја поздрави постапката на „Телеграм“ за затворањето на групата „Јавна соба“ бидејќи недозволиво е пред очи да се случуваат кривични дела, а за тоа да нема соодветни реакции. Во исто време, Владата потенцира дека против осомничените и приведени лица и против сите оние што ги прекршиле македонските закони по повеќе основи, ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави со целосно документирани предмети. Владата инсистира предметите да бидат водени преку соодветни постапки од страна на Јавното обвинителство и судот и за сите за кои ќе се утврди дека го прекршиле законот да следуваат соодветни казни што е можно побргу.
– Владата нема да дозволи ниту една форма на насилство или повреда на права на жени, девојки или кој било граѓанин да бидат премолчени или неказнети. Севкупната домашна легислатива за овие прашања и усогласувањата со меѓународните конвенции за родово базираното и сексуално насилство се насочени кон искоренување на домашното насилство, сексуалното вознемирување, силување, присилен брак и сите други форми на родово базирано насилство преку интернет-комуникациските канали со драстични мерки и казни – велат од Владата преку соопштение.
Одредбите од неодамна усвоениот Закон за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство јасно укажуваат дека насилството врз жените и семејното насилство не може да се смета за приватна работа и дека државата воспоставила сеопфатни и интегрирани политики да превенира и да ги заштити жртвите на насилство. Законот ги дефинира сите облици на насилство во согласност со Истанбулската конвенција вклучувајќи и чекор повеќе во постапките за заштита на пријавувачите на овие појави како сериозни придобивки за жртвите и за брза реакција и постапувањето за секое сторено насилство.
Освен регулирањето на превентивните мерки, што секоја институција во системот за заштита има обврска да ги преземе со цел елиминирање на насилството врз жените и семејното насилство, посебно важно место доби законската обврска за брзо и ефикасно постапување на институциите, особено судот, во изрекувањето итни и на привремени мерки за заштита.
Со уредувањето на подзаконските акти, кое е во тек, судот ќе има обврска, веднаш, а најдоцна во рок од 24 часа по приемот на предлогот од Министерството за внатрешни работи и полицискиот извештај, без да одржи рочиште да одлучи за изрекување итна мерка за заштита на лицата жртви на родово базираното насилство.
Дополнително, во вкупниот ангажман на Владата во однос на ова прашање влегува и новата работна верзија на Казнениот законик (КЗ).
Со промените во КЗ се додава член 144 А, во кој се вметнува терминот „демнење“. Со него се објаснува дека тој што истрајно и за подолго време неовластено ќе следи, прогонува или на друг начин се меша во личниот живот на друг или со него воспоставува или настојува да воспостави од него несакан контакт со движење во просторот каде што се наоѓа тоа лице, со злоупотреба на користење на личните податоци, со користење телекомуникациски или други средства за комуникација или на друг начин психички го вознемирува или застрашува и со тоа ќе предизвика чувство на несигурност, вознемиреност или страв за неговата сигурност или сигурноста на нему блиско лице, ќе се казни со глоба или со затвор до три години.