Денеска на одржаната јавна расправа во Апелациониот суд по поднесените жалби за пресудите за случувањата на 27 април во Собранието, Вишото јавно обвинителство Скопје, по проучување на првостепената пресуда и останатите списи од предметот даде предлог да се одбијат како неосновани жалбите на обвинетите, и тоа по сите основи на кои се однесуваат.
Во однос на фактичката состојба која произлегува од бројни материјални и вербални докази изведени на главната расправа, првостепениот суд правилно оценил дека кај обвинетите постои умисла за дејствијата кои ги презеле и дека станува збор за добро осмислени, организирани и синхронизирани дејствија во кои што секој од обвинетите имал однапред одредени улоги и задачи.
Во однос на жалбата од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција за ослободителниот дел од наведената пресуда за обвинетиот Игор Дурловски, Вишото јавно обвинителство Скопје во својот предлог се произнесе дека повисокиот суд треба да ја одбие како неоснована. Имено, првостепениот суд правилно ги утврдил фактите во предметот и во пресудата образложил дека за овој обвинет не е докажано надвор од разумно сомневање дека го извршил наведеното кривично дело.