Поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски денеска беше во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, каде вршел увид во доказите за предметот за „27 април“, потврдија од Јавното обвинителство.
Вељаноски на излегување од обвинителството кусо изјави дека бил повикан и се одзвал на поканата од обвинителството, без да даде повеќе детали.
Трајко Вељаноски се товари дека е еден од организаторите на нападите во Собранието од 27 април 2017 година, заедно со Никола Груевски, Миле Јанакиески, Спиро Ристовски и Никола Бошковски. Тие се осомничени дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.
Судот на предлог на Обвинителството, за Вељаноски побара притвор, но Собранието по низа процедурални забелешки не гласаше за одземање на неговиот пратенички имунитет.
За насилствата во Собранието на 27 април 2017 година, на 15 март годинава на вкупна затворска казна од 211 години беа осудени 16 лица. Највисока казна од 18 години доби поранешниот министер за внатрешни работи и директор на БЈБ, Митко Чавков.
Дел од осудените побараа да бидат помилувани од претседателот Ѓорге Иванов. Од кабинетот на шефот на државата засега нема одговор како ќе биде постапено.