Педесет и седумгодишен жител на Велес е осомничен за обид за убиство на сопругата. Тој ја тепал сопругата со кабел и ѝ се заканувал дека ќе ја убие. Од ударите жената добила повеќе повреди по целото тело и скршеница на едната рака.
Основното јавно обвинителство Велес отвори истрага против лицето на 57-годишна возраст, осомничено за кривично дело обид за убиство.
– Осомничениот во текот на вчерашниот ден се обидел да ја лиши од живот својата сопруга при вршење семејно насилство, така што ѝ пришол и со кабел од шина почнал да ја удира по телото. Од ударите оштетената паднала на подот. Осомничениот не ѝ дозволувал да стане, туку ѝ се заканувал дека ќе ја однесе во гробот на мајка ѝ, ќе ѝ ја затвори устата така што ќе ѝ ја наполни со крпа и дека ќе ѝ го скрши черепот – се наведува во соопштението.
Тој продолжил да ја удира со кабелот по целото тело и престанал дури кога во куќата дошла нивната ќерка. Од ударите жената добила повеќе повреди по целото тело и скршеница на раката.
Јавен обвинител до судот достави предлог за определување притвор за осомничениот.