Во тепачка меѓу две групи што вчера се случила на улицата „Браќа Ѓиноски“ во Гостивар, со потешки повреди се здобиле две лица, а полицијата лишила од слобода петмина жители на селото Ѓурѓевиште.
Физичката пресметка го привлече вниманието на гостиварци заради жестокоста и местото на случување, кое важи за многу фреквентно. Причината за тепачката најверојатно се недоразбирања кои соселаните ги имале од претходно.
Според СВР Тетово , вчера околу 14 часот физички биле нападнати Б.Н. (49) и Р.М (24) од гостиварското село Ѓурѓевиште. Во нападот врз нив биле употребиле и дрвени палки.
По пресметката, повредените Б.Н. и Р.М. со повреди по телата и главите пренесени се во гостиварската општа болница. Оттаму, Б.Н. префрлен е на скопските клиники, а Р.М. по санирањето на повредите пуштен е на домашно лекување.
Набрзо, идентификувани и лишени се од слобода пет лица од гостиварско Ѓурѓевиште кои се сомничат дека учествувале во физичкиот напад: Р.И.(22), Б.И.(23), И.М. (18), С.И.(21) и Д.И.(28). Сите лишени задржани се во Полициската станица Гостивар за целосно расчистување на случајот.