Глетката беше застрашувачка. Само благодарение на присебноста на градежните работници, а подоцна и на пиротехничарите не дојде до инцидент со несакани последици
Деновиве при ископ на старата трибина, на стадионот под Тумбе Кафе, во правец кон касарната, градежните работници пронајдоа над 300 стари неексплодирани артилериски гранати со калибар 75 мм.
Тоа се неиспукани гранати од Првата светска војна, кои според уверувањето на пиротехничарите доколку се активираа(т) можеа да ја разнесат на само сѐ уште недоизградената трибина на стадионот под Тумбе Кафе туку и половина Битола.
Пронаоѓањето на над 300 неиспукани гранати на фудбалскиот стадион под Тумбе Кафе уште еднаш го актуализира прашањето за огромните количества неиспукани бомби на кои лежи Битола.
– Според моето мислење, станува збор за напуштена артилериска положба, кога одлучиле војниците да го напуштат теренот ги закопале и затоа при ископ сега се појавија. Опасноста од овие гранати постојано демне и не се знае во кој момент може некоја од нива да се активира. Доволно е една од неиспуканите гранати да се иницира и да има инцидент од невидени размери – нагласува Димче Јошевски, раководител на подрачното одделение на ДСЗ – Битола.
Инаку ова не е првпат во Битола при изведување градежни работи да бидат пронајдени неексплодирани бомби или гранати. Во Битола чести се случаите дури при секое копање темели, за изградба на какви било објекти, да бидат пронајдени неексплодирани бомби или гранати.
Битола буквално лежи на бомби, уверуваат експертите.
Тоа е така затоа што во Првата светска војна покрај градот Вердан, Битола била најбомбардиран град во Европа.
Според историчарите, Битола поради местоположбата и близината со Солун била бомбардирана буквално секој ден.
Голем број згради, куќи и јавни објекти биле оштетени или целосно уништени, а околу 4.200 цивили ги загубиле своите животи.
Затоа Битола е прогласен за град страдалник и одликуван со орденот „Воен крст“ на Република Франција.
Но според најголемиот број битолски хроничари и познавачи на оваа област, најголемиот број од неексплодираните гранати и бомби се во Градскиот парк, на шеталиштето, Тумбе Кафе, касарната, Заводот и музеј.
Пред повеќе од една деценија кога се реконструираше градското шеталиште во Битола и кога тоа се поплочуваше, градежните работници пронајдоа буквално огромен арсенал неиспукани бомби и гранати, наредени како „тепих“.
По откривањето на гранатите, градежните работи веднаш беа прекинати и подолго време се работеше на деминирање на теренот.
Пиротехничарите тогаш велеа дека во Градскиот парк, кој се наоѓа наспроти железничката станица, буквално каде и да копнеш на само педесетина сантиметри ќе најдеш бомба.
Тие денови пиротехничарите тврдеа дека битолчани цело време на шеталиштето се шетале како по минско поле.
Дека тоа е така се потврди деновиве кога на стадионот под Тумбе Кафе беа пронајдени над 300 неексплодирани гранати.
– Битола буквално лежи на бомби. Ни најголемите хроничари или историчари не знаат колку неексплодирани бомби има во Битола. Најголемиот број од нив се во делот на Градскиот парк и шеталиштето, кои беа простор што беше користен како складиште за оружје.
Но неексплодирани гранати има и на Тумбе Кафе, Џепането, касарната – вели еден од последните пиротехничари во Битола, Ѓорги Стефанов.
Пронајдените над 300 гранати откако беа собрани со возила беа пренесени во магацин во напуштената битолската касарна, а подоцна истите тие ќе бидат транспортирани на воениот полигон на Криволак, каде што ќе бидат уништени, вели раководителот на ДЗС, Димче Јошевски.
Покрај големиот број неексплодирани артилериски гранати, тоа што особено ги загрижува битолчани е што во Битола во моментот има само еден активен пиротехничар, кој е обучен за деактивирање експлозивни средства, и тоа што градот буквално нема никаква стратегија како да се ослободи од неексплодираните гранати, кои се постојана опасноста за жителите во градот под Пелистер.
Поради немањето деминери, деновиве кога беа пронајдени неексплодираните 300 гранати на помош беше повикан пиротехничар од Кичево.
– Во современите земји уништувањето на неексплодираните гранати се врши на самото место, а кај нас откако ќе се откријат се вршат транспорт, па складирање, па повторно транспорт и се носат во Криволак – вели Стефанов.
Пиротехничарите, кои деновиве работеа на деминирање на стадионот „Тумбе Кафе“, велат дека и наредните години Битола ќе биде „контаминирана“ со вакви експлозивни средства и затоа е потребен нов кадар што треба да се обучи за деминирање, но, за жал, поради опасноста од работата и ниските примања никој не е заинтересиран да работи на деминирање „бомби“, шри што пиротехничарите постојано се соочуваат со смртта за смешни плати.
Токму затоа Битола како град остана само со еден пиротехничар, а во Македонија ги има вкупно седум, од кои двајца се пред пензионирање бидејќи имаат над 64 години.
Инаку, хроничарите запишале дека во Првата светска војна, во периодот од средината на септември до ноември во 1916 година, на просторот на Битола, во т.н. Солунски фронт, се воделе жестоки борби. По освојувањето на Кајмакчалан, Лерин и преминувањето на Црна Река, француските и српските единици конечно се приближиле до Битола.
На 18 ноември попладне, во бугарската команда во Битола стигнала веста за падот на нивната позиција на котата 1212, која доминирала со регионот на Суводол. Било јасно дека контролата над Битола нема да може да се задржи и била дадена наредба за повлекување. По добивањето на таквата наредба бугарската војска почнала да ги уништува складовите со оружје. Битола тие денови буквално беше во пламен.
Последните бугарски и германски војници го напуштиле градот во текот на ноќта меѓу 18 и 19 ноември. По неколку часа безвластие, следното утро, околу 8 часот, една француска коњаничка единица влегла во Битола.
Но со тоа не престанале страдањата за битолчани, туку напротив, уништувањето на градот продолжило.