Прекршочна мерка за 466 лица што не носеле маски
Во текот на изминатото деноноќие, 9 и 10 август, на територијата на Македонија по однос на мерката за неносење лична заштита на лице се регистрирани 466 прекршоци. Министерството за внатрешни работи апелира до граѓаните да ги почитуваат мерките и протоколите донесени од Владата за справување со ковид-19.
Со трактор се излизгал од патот и паднал во дол
На шумскиот пат Безгаштовски пат, помеѓу Струмица и Берово, на планината Огражден, С.В. (31) од селото Бориево, управувајќи трактор со приколка, се излизгал од патот и паднал во дол. С.В. добил тешки телесни повреди констатирани во Медицинскиот центар во Струмица.
Се степале поради сообраќајна незгода
Дваесет и седумгодишниот Б.К. од Скопје пријавил дека на улицата 11 Октомври, пред градската општа болница „Св.Наум Охридски“, бил физички нападнат од Џ.Б. (24) од Скопје. Според пријавеното, на нападот му претходела расправија поради претходно случена сообраќајна незгода во Шуто Оризари, во која бил повреден малолетник.
Две лица каснати од кучиња во Скопје и во Велес
Во Полициска станица во Аеродром, А.Н. (43) од Скопје пријавил дека на булеварот Кузман Јосифовски-Питу бил каснат од куче скитник.
На улицата Ѓоре Шоптрајанов во Велес, О.Т. (62) пријавила дека била касната од две кучиња, кои биле домашни миленици.
Казнети шест возачи бидејќи возеле нерегистрирани возила
На подрачјето на СВР-Скопје се санкционирани шест сопственици бидејќи возеле нерегистрирани возила, осум возачи затоа што возеле без дозвола, 31 возач затоа што возеле со брзина поголема од дозволената, а 111 возила се подигнати со „пајак“.
Уапсени две лица поради поседување марихуана и прашкеста материја
Полициски службеници од СВР-Скопје на булевар АВНОЈ го лишиле од слобода М.Н. (21) од Скопје, затоа што при извршен преглед кај него била пронајдена прашкеста материја.
Уапсена била и Е.Г. (20) од Скопје, затоа што кај неа била пронајдена марихуана.
По документирање на случаите против нив ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.