Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски го информираше претседателот Стево Пендаровски за состојбата со пожарите низ земјата и посебно за големиот пожар во Кочани доцна попладнево.
Претседателот Пендаровски, како Врховен командант, во 16.30 часот издаде наредба за ангажман на Армијата со целосен капацитет. Одобрена е и употреба на воздухопловите, кои денеска веќе интервенираа во Старо Нагоричане, а утре наутро одат на помош во Кочани, соопштија од кабинетот на претседателот.
Пендаровски информираше преку Фејсбук дека хеликоптерите на армијата немаат техничка можност да летаат во ноќни услови, со што ќе се вклучат во гаснење на пожарите во раните утрински часови.
– Сакам да ја информирам јавноста дека хеликоптерите на армијата немаат техничка можност да летаат во ноќни услови. Ова е единствената причина заради која во гаснење на пожарите ќе се вклучат во раните утрински часови – соопшти претседателот.
Од кабинетот на Пендаровски додаваат дека во текот на денот биле ангажирани околу 170 припадници на Армијата, а во текот на ноќта ќе се следи состојбата на терен и ќе се ангажираат дополнителни сили, како и средства за справување со состојбите и помош на населението насекаде каде што има потреба.
Мобилизирани тимови за заштита и спасување од повеќе градови во гаснење на пожарите
По избувнувањето на повеќе пожари низ источниот и југоисточниот дел на државата, Дирекцијата за Заштита и Спасување одржи итен состанок со цел мобилизација на тимовите за заштита и спасување од пожари како и вработените на ДЗС и ПОЗС.
Дадена е наредба за мобилизација на тимовите за пожари, Валандово, Виница, Берово, Битола, Гостивар, Куманово и Скопскиот тим Карпош. Предложено да се вклучат и доброволните противпожарни друштва.
Вработени од ДЗС по координацијата се упатени кон загрозените подрачја, како што се Старо Нагоричане, с. Бели Кочани и с. Новаци Битола со цел проценка, координација и помош на загрозените подрачја.
Оттаму апелираат до сите граѓаните да се вклучат доброволно на местата каде што е неопходно и директно да ја известат ДЗС за пожари во целата територијата на државата.