Шумскиот пожар на падините на Осоговските Планини над Кочани повторно е ставен под контрола, но не е локализиран, според директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов.
Пожарот и утринава беше ставен под контрола, но попладнево повторно се разгори поради високите температури, ветерот и сувата вегетација на теренот кои ја отежнуваат ситуацијата.
Во гаснењето на пожарот учествуваат околу 400 луѓе. Покрај пожарникарите од Кочани, Виница, Штип и од Македонска Каменица, во справувањето со огнот помагаат и вработени во локалните самоуправи обучени за интервенции во вакви ситуации.
Згора, армискиот хеликоптер го гаси пожарот од воздух, а предвидено е интервенцијата да трае до стемнување, како што информира Ангелов. Се очекува пожарот остане активен бидејќи зафаќа поголема површина.