Во Апелацискиот суд во Скопје на 23 мај ќе се одржи јавна седница за пресудата за седумтемина неправосилно осудени за обидот за убиство на пратеникот Зијадин Села. Судија известител во предметот е Сафет Кадрии.
Судијката од Основниот суд Скопје 1, Славица Андреевска, лани обвинетите ги огласи за виновни, бидејќи со умисла се обиделе го убијат пратеникот Зијадин Села.
Според пресудата, најголема казна од 13,5 години доби Никола Војминовски, а Кире Георгиевски и Александар Јаневски Тошта добија по 13 години затвор. По десет години и шест месеци затворски казни добија Андреј Мицов, Николче Димитриевски, Оливер Ошавковски и Коста Делов.
Никола Војминовски кој се наоѓаше во куќен притвор до правосилноста на пресудата избега и се` уште е недостапен за органите на прогонот.
За обидот за убиство на Села првично беа обвинети 10 луѓе, но Сашо Сенков беше ослободен од обвинение, а обвинението за Стојан Павлевски и Цејо Ѓорѓиевски беше преиначено во насилство, па откако признаа вина, беа осудени на три, односно една година и два месеци затвор.