Апелациониот суд Скопје ја потврди двегодишната затворска казна за поранешниот премиер Никола Груевски, обвинет дека незаконски влијаел врз потчинетите да набават луксузен мерцедес.
Казната на осудениот Ѓоко Поповски му е намалена од 6,5 на 4, 5 години.
-Жалбите на обвинетиот Н.Г. од С. изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост.
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет КОКЖ-23/18, познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која жалбата на обвинетиот Ѓ.П. од С. делумно ја уважи на начин што ја преиначи во делот на одлуката за казната и го осуди на казна затвор во траење од 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди – соопшти Апелациониот суд во Скопје.
Во 2011, МВР донело одлука за купување блиндирано возило најмногу до 243.000 евра, поради осиромашениот буџет на министерството, но под влијание на тогашниот премиер Никола Груевски со барања за луксуз, Гордана Јанкулоска како министер потпишала одлука за набавка на ново возило од речиси 600 илјади евра.
Против Јанкулоска за „Тенк“ се води одвоена постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.