Американската амбасада соработува со МВР и со другите надлежни институции, но не ги коментира истрагите што се во тек. Ова е ставот американската амбасада во Скопје, од која дел од медиумите побараа да се изјасни за случајот „Двојник“, за незаконското издавање пасоши со украден идентитет.
– Не коментираме истраги што се во тек. Амбасадата на САД има тесна соработка со МВР, како и со другите владини министерства и институции во Северна Македонија, за да се постигнат заедничките цели за спроведување на законот и владеење на правото, вклучувајќи регионална соработка за спроведување на законот и борбата против тероризмот – се наведува во изјавата од американската амбасада во Скопје, на прашањето на „360 степени“.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски информираше дека „Двојник“ е меѓународна акција, на која македонската полиција работела со поддршка од Регионалната канцеларија за безбедност и истраги при американската амбасада, како и од Генералниот секретаријат на Интерпол во Лион и Интерпол во Скопје.