Бројката на незгоди како последица на возење во алкохолизирана состојба е поголема од двојно. Таа пред десет години изнесувала само 132 сообраќајни незгоди, но минатата година достигна бројка од 344 несреќи предизвикани од пијани возачи
Сообраќајните несреќи полека но сигурно се искачуваат високо на листата на главните причини за смртност во светот. Црната статистика расте, жртвите се бројат, а се чини дека возачите воопшто не се грижат за својата безбедност, бидејќи не само што не ги почитуваат прописите туку и намерно ги прекршуваат. Смртта во сообраќајна незгода е 11-та најчеста причина за смрт речиси насекаде низ светот. Светската статистика, пак, говори дека околу три илјади сообраќајни незгоди се случуваат во еден ден во целиот свет. Една од главните причини за несреќите се алкохолот и дрогите, со 22 проценти..
Во Република Македонија, според статистиката, бројката на сообраќајки во целата држава се намалува. Па, така, во 2010 година вкупниот број на сообраќајни незгоди изнесувал 4.226, додека минатата година истиот број изнесувал 3.233 несреќи.
Во 2010 година во сообраќајни незгоди животот го загубиле 162 лица, а минатата година 147 лица. Се намалува и бројката на повредени лица, па, така, ако пред десет години таа изнесувала 6.375 лица, лани во сообраќајна незгода биле повредени 5.164 лица. Според статистиката, во 2010 година 1.219 сообраќајни незгоди се случиле како последица на брзо возење, додека минатата година тој број бил речиси двојно помал, а изнесува 590 сообраќајки направени како последица на брзото дивеење по патиштата и улиците.
Македонците не сакаат да го почитуваат првенството на минување, па неговото непочитување било причина за 745 сообраќајни незгоди во 2010 година, додека истиот тој број е драстично намален и изнесува 430 несреќи што се случиле минатата година.
Непрописното движење и свртување во 2010 година биле причина за 511 сообраќајни незгоди, додека минатата година повторно бројот бил драстично намален, а изнесува 293 незгоди.
За жал, во пораст е бројот на возачи што возат поднапиени и се причина за сообраќајни незгоди под дејство на алкохол. Бројката на незгоди како последица на возење во алкохолизирана состојба е поголема од двојно. Таа пред десет години изнесувала само 132 сообраќајни незгоди, но минатата година достигна бројка од 344 несреќи предизвикани од пијан возач.
Скопјани сакаат бесно и лудо возење. Главниот град е лидер по бројот на загинати и повредени лица во сообраќајни незгоди, а причина за тоа е брзото возење, покажува статистиката објавена на Министерството за внатрешни работи за периодот од 2010 до 2019 година. Освен брзото возење, метрополата е лидер и по сообраќајни незгоди предизвикани од возачи што сообраќале под дејство на алкохол.
Гледано во светски рамки, најголем број сообраќајни незгоди има во земјите со низок и среден економски раст, бидејќи во овие земји многу е мала инвестицијата во патиштата и здравствената подготвеност за помош на патиштата. Во некои земји во светот главна причина за смртност е јавниот транспорт. Во Нигерија и во Кенија јавниот транспорт е кобен за многумина, затоа што возачите дозволуваат возилото да биде пренатрупано многу над дозволените граници.
Во ниско и средно развиените земји, жителите најчесто возат стари возила, кои одамна не ги исполнуваат стандардите за безбедност во сообраќајот. Многу е мал бројот на држави што ги охрабруваат своите жители да возат велосипед или да пешачат и со тоа да го намалат бројот на сообраќајки.
Во незгоди на патиштата не умираат само возачите. Доста чести жртви се велосипедистите, пешаците и лицата што управуваат возила на две тркала. Тие дури се нарекуваат ранливи учесници во сообраќајот. Нивната смртност е голема во оние земји каде што нивните права како учесници во сообраќајот не се заштитени.