Напорно работиме и сме на добар пат да продолжиме со зајакнување на соработката со релевантни меѓународни организации што работат на исто или на слично поле. Со задоволство можам да кажам дека на почетокот на годината со неколку општини потпишавме меморандуми за соработка и за учество во заеднички проекти за развој и унапредување на односите на локалната самоуправа со локалната полиција, јакнење на локалната безбедност…
ИНТЕРВЈУ СО ПРОФЕСОР ДОКТОР АТАНАС КОЗАРЕВ, претседател на Асоцијацијата за корпоративна безбедност – Скопје
Корпорациската безбедност е доста важна област од поново време, која е тесно поврзана и со националната безбедност во државата. Развивањето на овој тип безбедност е од суштинска важност за деловните субјекти, но и државите, бидејќи претставува нов тренд што со забрзано темпо го пронаоѓа своето место во секое општество. Во интервју за „Нова Македонија“, проф д-р Атанас Козарев раскажува за тоа каде се наоѓа Македонија во однос на корпоративната безбедност, колкав е интересот на деловните субјекти, но и на државата во однос на нејзината имплементација.
Зошто токму корпорациска безбедност? Каде е Македонија на оваа тема?
– Корпорациската безбедност е нова безбедносна парадигма, или релативна нова безбедносна концепција кај нас, за разлика од практиката и искуството во развиениот деловен свет. Нејзиниот подем е евидентен и во нашето непосредно опкружување и оттука извира предизвикот овој значаен сегмент во областа на приватниот безбедносен сектор да го развиваме и во нашата држава.
Станува збор за концепт што неминовно се развива со забрзано темпо во целиот свет и е во синтеза со националната безбедност, концепт што ги надминува традиционалните безбедносни рамки и со својата комплексност и интердисциплинарност овозможува да се развива стратегија за безбедност на деловното работење на современите корпорации. Имено, корпоративната безбедност нуди одговори и практични алгоритми за предизвиците што ги наметнуваат новите безбедносни појави во областите како што се: економската безбедност, безбедноста на критичната инфраструктура, организираниот криминал, информатичката безбедност и сл. Република Северна Македонија како дел од најсилниот колективен систем за безбедност во светот, а тоа е НАТО, не може и не смее да доцни во развивањето на овој потсистем на безбедност, туку напротив треба сериозно да се создадат услови за постепено теоретско и практично заживување на корпоративната безбедност. Во тој правец би истакнал дека овој концепт има почетен стадиум во студиските програми што се изучуваат на факултетите во нашата држава, но се надевам дека потребите на деловната заедница ќе го интензивираат истражувањето на корпоративната безбедност како посебна област. Кога станува збор за практиката на имплементација на потсистемот на корпоративна безбедност, постои недоволно реализирање токму поради непознавање на предностите што со себе ги носи ангажманот на еден менаџер за корпоративна безбедност во работењето на деловните субјекти. Институциите имаат деловен интерес да пристапат кон развивање на овој модел на безбедност, бидејќи модерниот свет постапува така, предизвиците го наметнуваат тоа. Иако оваа тема е на почеток кај нас, тоа не мора да биде негативен сигнал, туку треба да биде шанса на самиот почеток силно да ги утврдиме целите и задачите и сите заедно да ја наметнеме оваа проблематика како суштинска во делот на новиот развој на безбедносната архитектура во нашата држава.
Со што точно се занимава невладината организација? Кои сѐ активности досега се реализирани?
– Асоцијацијата за корпоративна безбедност е најсилната организација што се занимава со овој концепт на безбедност во нашата држава, ние сме своевидни протагонисти во развојот на корпоративната безбедност во системот. Целите на асоцијацијата се јасно утврдени со Статутот и се фокусирани кон: унапредување на концептот на корпоративната безбедност во Република Северна Македонија; јакнење на професионалната одговорност, интегритет и дигнитет на менаџерите на корпоративната безбедност; промоција на корпоративните безбедносни функции и заштита на човековите слободи и права; инклузија на дипломираните детективи, криминалисти и студентите на универзитетите каде што се изучува теоретски корпоративната безбедност, преку нивно информирање, спроведување на практична настава и обука за нивно вклучување во практичното функционирање на корпоративната безбедност во нашата држава. Развиваме повеќе стратегиски точки со намера граѓаните, институциите и деловните ентитети да ги разберат придобивките од овој концепт на безбедност, и тоа низ креирање јавни политики што имаат цел преку разни обуки, семинари и работилници да ги објасниме суштината и додадената вредност на корпоративната безбедност (www.korporativnabezbednost.mk). Од основањето на Асоцијацијата за корпоративна безбедност до денес, успеавме да реализираме многубројни активности во неколку правци: создадовме сериозен тим од експерти со интегритет како од земјата така и од странство, остваривме соработка со институциите во нашата држава преку потпишување меморандуми за конкретна соработка, воспоставивме соработка со регионалните асоцијации, организирање и учество на домашни и меѓународни конференции (Здружението на јавните обвинители, Здружението на судска медицина, ИПА Македонија, локалната самоуправа и други). За обележување е основањето на Асоцијацијата за корпоративна безбедност на Југоисточна Европа (СЕЕКСА) со седиште во Загреб во 2019 година, со ротирање на претседателот, така што во 2022 година ние ќе го преземеме претседателството со мандат од една година.
Доменот на дејствување е доста широк, а посебен осврт имате и на сајбер-безбедноста на корпоративно, но и на национално ниво. Колку е Македонија сајбер-безбедна?
– Развивањето на сајбер-безбедноста е одговор на новите хибридни безбедносни закани со кои се соочува светот. Дејствувањето на сајбер-криминалците може да биде разорно по националниот безбедносен систем и имаме примери преку компаративни искуства во светот или во соседството кога се компромитирани цели банкарски системи, деловни системи што работаат со електро и хидроцентрали или владини институции итн. Важноста на безбедноста на информациските системи од аспект на улогата на информацијата за деловното работење на компаниите е неоспорна. Меѓутоа, во услови на глобалното деловно опкружување во кое егзистираат современи безбедносни сајбер-ризици и закани, компаниите може да бидат изложени на противправно однесување на екстерни, интерни и мешани сајбер-криминалци. Затоа нашата асоцијација се обидува преку разните научни пристапи и обуки да ја наметне потребата од оваа безбедносна компонента и да се создадат услови за имплементација на безбедносни механизми што ќе ја зајакнат економската безбедност на деловното работење на што е можно повисоко ниво. Релативна може да биде оцената колку една земја може да биде сајбер-безбедна, така е случајот и со нашата држава. Затоа, колку ќе инвестираат државата или институциите, или, пак, компаниите во сајбер-безбедноста толку и ќе бидат безбедни. Така што овој вид безбедност е комплексен и динамичен и не е традиционален за да се даде оцена кој колку е безбеден, овие безбедносни закани и појави бараат брзи, динамични и целисходни одговори, бидејќи самата закана е ненадејна и брза и затоа одговорот и подготвеноста на системот треба да бидат еластични, приспособливи и обучени со намера да ја пресретнат, неутрализираат или да ја елиминираат заканата.
Колку се заинтересирани македонските компании за корпоративната безбедност? Дали сакаат да се усовршат на тоа поле и на заштита на сопственото дејствување? Каде е подобра корпоративната безбедност, во државниот или во приватниот сектор?
– Ова прашање изнудува искрен одговор, а тоа е дека постои голем простор македонските компании најпрво да ја разберат потребата од овој вид безбедност како нивен суштински односно највитален интерес. Во спротивно, штетите по нивната инфраструктура, информатичкиот систем, клиентите, финансиите и материјалните добра, па и по нивниот имиџ може да бидат разорувачки, уништувачки и фрустрирачки. Мислам дека сѐ уште не се сфатени ниту теоретски, ниту практично вистинското значење и улогата на корпоративната безбедност, особено нивната неминовност, иако сме сведоци дека во неколку компании и банки се случија криминални дејства што ги открија слабостите на самите компании, а штетите беа огромни. Тврдам и уверувам дека ако превентивно беше соодветно поставен системот што го нуди корпоративната безбедност, можноста за такви криминални појави ќе се сведеше на минимум. Многу од компаниите не се подготвени да инвестираат во овој вид безбедност, но затоа е тука Асоцијацијата за корпоративна безбедност, но и јас како менаџер на тимот составен од професионалци, со активностите и акцискиот план, соработката со институциите и локалните власти да придонесеме во креирањето на перцепцијата за нужна примена на корпоративната безбедност. Бенефицијата за корпорациите тековно и долгорочно е значаен влог во нивното идно деловно работење. Засега, корпоративната безбедност прави пробив и делумен успех во приватниот сектор, поради законските прописи, дејствувањето на корпоративната безбедност во државниот сектор е ограничена.
Каде се гледате во иднина, на што ќе бидете посветени? Каде се гледате како организација?
Како асоцијација веќе работиме на програмата 2021 – 2025 година на стратегиско ниво, понатаму работиме на програмата за 2021 година со акциски план за истата таа. Напорно работиме и сме на добар пат да продолжиме со зајакнување на соработката со релевантни меѓународни организации што работат на исто или слично поле. Со задоволство можам да кажам дека на почетокот на годината со неколку општини потпишавме меморандуми за соработка и учество во заеднички проекти за развој и унапредување на односите на локалната самоуправа со локалната полиција, јакнење на локалната безбедност, градење демократски односи помеѓу локалната заедница и локалната полиција, воспоставуваме модел на локален надзор во соработка со граѓаните и полицијата, подигнување на безбедносната култура кај локалните советници во општината и безбедносната свест кај граѓаните; истражувачки проекти, промотивни проекти за унапредување на демократските процеси и владеење на правото во областа на полициското работење на локално ниво. Подготвуваме иницијативи за нов закон за вршење на детективската дејност, формирање комора за детективска дејност и сл. Секако, за нас како асоцијација огромен предизвик претставува подготовката за преземање на претседателството со Асоцијацијата за корпоративна безбедност на Југоисточна Европа за 2022 година.