Акцијата на МВР трае повеќе месеци, а сепак возачите продолжуваат да покажуваат крајно непочитување на Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата, особено затоа што за акцијата што ја спроведува полицијата на големо се известуваше од страна на телевизиските и печатените медиуми, но и на социјалните мрежи
НЕПОЧИТУВАЊЕТО НА СООБРАЌАЈНИТЕ ПРАВИЛА И ПРОПИСИ ИМ СТАНУВА НАВИКА НА ВОЗАЧИТЕ
Алкохолот е една од водечките причини за сообраќајни несреќи низ светот. Возењето во алкохолизирана состојба е ризик што несовесните возачи честопати го преземаат, не размислувајќи за последиците што би произлегле од несвесното управување на возилото.
Алкохолот значително ги намалува возачките вештини, нарушувајќи ги психомоторните способности на возачите. Тој ја намалува способноста кај возачите за брзо и ефикасно дејствување и ги намалува рефлексите во случај на непредвидени ситуации.
Алкохолот ги намалува способноста за рационално расудување и способноста за препознавање на ризиците и заканите во сообраќајот. Лицата што управуваат со возила во алкохолизирана состојба, особено младите лица, се склони кон преземање ризик при возењето и кон агресивно однесување во сообраќајот, што неминовно води кон сообраќајни несреќи со фатални последици.
САНКЦИОНИРАНИ 469 ВОЗАЧИ ПОРАДИ ВОЗЕЊЕ ПОД ДЕЈСТВО НА АЛКОХОЛ
И покрај повеќемесечната засилена сообраќајна контрола од страна на Министерството за внатрешни работи низ земјава, се чини дека возачите воопшто не се загрижени за присуството на полицијата низ улиците. Не само што бројот на санкции не се намалува туку се чини дека возачите воопшто не се грижат доколку бидат фатени од страна на полицијата и добијат одредена санкција.
Според податоците на Министерството за внатрешни работи, месецов, иако уште не е завршен, сообраќајната полиција досега санкционирала 469 возачи што возеле во алкохолизирана состојба.
Акцијата на МВР трае повеќе месеци, а сепак возачите продолжуваат да покажуваат крајно непочитување на Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата, особено затоа што за акцијата што ја спроведува полицијата на големо се известуваше од страна на телевизиските и печатените медиуми, но и на социјалните мрежи.
– Во текот на 2020 година, како последица на користење алкохол се случиле вкупно 248 сообраќајни незгоди – информираат од МВР.
ВО ЗЕМЈАВА ЛАНИ ВО СООБРАЌАЈКИ ЗАГИНАЛЕ 132 ЛИЦА
Според податоците достапни на интернет-страницата на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, на светско ниво дури 400 илјади млади луѓе го губат својот живот во сообраќајни незгоди, или дневно околу 1.100 жртви, а главна причина е токму возењето во алкохолизирана состојба.
– Во просек, 25 проценти од сообраќајните незгоди со потешки последици се предизвикани од млади лица, на возраст до 29 години, додека околу 30 проценти од вкупно настраданите лица во сообраќајни незгоди се млади лица на возраст до 29 години – наведено е на страницата на РСБСП.
За семејствата чии роднини починале како последица на возење во алкохолизирана состојба, управувањето со возило под дејство на алкохол е еднакво на убиство.
– Мојот брат почина како последица на сообраќајна незгода во која лицето што беше причина за незгодата беше под дејство на алкохол. Поминати се веќе десет години, но болката секогаш ќе остане иста. Да седнеш и свесно да управуваш со возило во алкохолизирана состојба е еднакво на убиство! Ако некој планира да пие алкохол, подобро е да се качи во такси отколку да управува со сопствено возило, првенствено затоа што тоа е исто како сам да си препишал смртна казна, а потоа затоа што во ризик ги става сите околу него – вели Славица, чиј брат пред повеќе години животот го загубил во сообраќајка.
Неодамна, на Светскиот ден на сеќавање на жртвите од сообраќајни незгоди, од РСБСП нагласија дека вкупниот број на жртви од сообраќајни незгоди, според Светската здравствена организација, изнесува 1,3 милион луѓе во светот, што значи дека дневно загинуваат 3.500 лица, или на 24 секунди по едно лице.
Во земјава минатата година во сообраќајки починале 132 лица, а 5.164 лица биле повредени.