Адвокатот на експремиерот Никола Груевски, Донче Наков, пред денешното судско рочиште за предмерот „Талир 2“ рече дека поради тоа што со преземањето на предметите од СЈО во републичкото обвинителство предметот добил нов број, тој немал полномоштво да го застапува пред судот со таков број.
-Немам од мојот клиент овластување да го застапувам пред ова јавно обвинителство. За ова дело по овој предмет мора да побарам согласност за да го застапувам мојот клиент – рече Наков.
Тој побара да биде одложено рочиштето.
Адвокатот Еленко Миланов ја оспори стварната надлежност на обвинителството.
Обвинителката Ленче Ристоска рече дека со овластувањето од државниот јавен обвинител е направено примопредавање на истото обвинение кое само има друг број и дека нема законски пречки за водење на постапката.
Судијката Даниела Алексова Стојановска даде пауза за да одлучи за предлозите. Кирил Божиновски го бранат тројца адвокати.
Во „Талир 2“ обвинети се Никола Груевски, кој е во бегство и има азил во Унгарија, и поранешниот генерален секретар на Владата, Кирил Божиновски. Според обвинението, тие ја злоупотребиле службената положба и му овозможиле на ДГ „Бетон“ АД Скопје да го изгради седиштето на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, во времето кога фирмата имала склучено договори за јавни набавки со државни органи и јавни установи или претпријатија, спротивно на Законот за политички партии, Законот за финансирање на политички партии и Законот за облигациони односи.