Фото: Игор Бансколиев/ илустрација

Искуствата покажуваат дека при ниски температури и влажни и лизгави коловози, на површина излегуваат сите неисправности на возилото. Затоа, заради лична безбедност на возачите и заради безбедност на патниците во возилата, како и заради безбедно и непречено пристигнување на посакуваната дестинација, треба да се прави редовна проверка на возилото, со посебен акцент на системот за управување, системот за запирање, пневматиците, електрониката и слично, апелираат надлежните

ДЕНЕСКА ПОЧНУВААТ ЗИМСКИТЕ ОБВРСКИ НА ВОЗАЧИТЕ

Во одредени области на територијата на Македонија веќе се чувствуваат првите елементи на зимските временски услови. На некои од планините падна и првиот снег, а температурите на воздухот значително опаднаа. Дополнително, маглата, првите мразови, накиснатите лисја на коловозите, како и обилните врнежи од дожд, ја зголемуваат опасноста од несакани инциденти на патиштата низ земјава. Во согласност со Законот за безбедност на патниот сообраќај, од 15 ноември до 15 март е во сила правилото за задолжително носење зимска опрема, во согласност со одредбите утврдени во Правилникот за задолжителна опрема на возилото, велосипедот и запрежното возило, за безбедно учество во сообраќајот на патиштата, како и на тракторите за безбедно извршување на земјоделски, односно шумски работи.

Почитувањето на безбедносните мерки оди „рамо до рамо“ со законските обврски

Како и секоја година, така и оваа, за возачите во земјава важат исти правила и тоа е така подолго време. Со оглед на тоа што сообраќајните експерти направиле анализа какво влијание имаат временските услови врз безбедноста во сообраќајот, од денеска почнува задолжителното носење зимска опрема во возилата.
Секоја година од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) потсетуваат зошто е важно во секое возило да има зимска опрема.
– Временските услови имаат големо влијание во безбедното одвивање на патниот сообраќај, така што обврска на секој возач е да го приспособи своето возило на условите на патот и да ги почитува сообраќајните правила и прописи – постојано апелираат од Советот, од каде што истакнуваат учесниците во сообраќајот да бидат внимателни, одговорни и подготвени за безбедно управување на возилото во услови на влажни коловози и ниски температури.
Според РСБСП, најважно е да се внимава на брзината, безбедното растојание меѓу возилата, условите на патот во време на магла, мраз, дожд, а пред сѐ на исправноста на возилото.
– Во услови на ниски температури и обилни врнежи од дожд или снег, појавите на голомразица на патот, влажни и лизгави коловози се очекувани, особено доколку се патува во раните утрински или доцните вечерни часови. Затоа треба многу да се внимава, да се приспособи брзината според условите на патот, за безбедно да се пристигне на посакуваната дестинација – информираат секоја година оттаму.
Од РСБСП потенцираа и дека лошите временски услови и непогодната состојба на коловозите влијаат на сопирачките на возилото, па затоа е потребно да се држи безбедно растојание и да се внимава на другите учесници во сообраќајот.
– Секогаш кога се движите во услови на магла, прво треба да ја намалите брзината и да ги вклучите соборените светла и светлата за магла – појаснуваат од РСБСП.
При есенски и зимски услови на патот, особено е важно да се управува технички исправно возило.
– Искуствата покажуваат дека при ниски температури и влажни и лизгави коловози, на површина излегуваат сите неисправности на возилото. Затоа, за лична безбедност на возачите и за безбедно и непречено пристигнување на посакуваната дестинација, треба да се прави редовна проверка на возилото, со посебен акцент на системот за управување, системот за запирање, пневматиците, електрониката и сл. – информираат надлежните.
Носењето и користењето квалитетна зимска опрема во голема мера може да ја елиминираат опасноста што ја носи зимското време.

Ќе има и превенција, предупредувања и информирања, но ќе има и репресивни мерки и казнувања

И од АМСМ апелираа до возачите да го почитуваат законот и од денеска да ги опремат своите возила со зимска опрема.
Како што информираа неодамна оттаму, обврската е пропишана во членот 361 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, каде што во став 1 е наведено дека моторните возила и мобилните машини кога учествуваат во сообраќај на пат, во периодот од 15 ноември до 15 март задолжително треба да ја поседуваат пропишаната зимска опрема. Според Законот, полицискиот службеник ќе му нареди на возач да го прекине натамошното движење на возилото ако не постапи според сообраќајниот знак за задолжително носење и употреба на зимска опрема. Исто така, полицискиот службеник може да нареди возачот да го прекине натамошното движење и кога не постои сообраќаен знак за задолжително носење зимска опрема, ако зимските услови на патот не овозможуваат непречено и безбедно одвивање на сообраќајот, односно задолжително да ја постави зимската опрема на возилото.
– Мандатен платен налог со глоба во износ од 45 евра во денарска противвредност во мандатна постапка ќе му се издаде, односно ќе му се регистрираат 25 негативни бода во согласност со одредбите од овој закон, на возачот што постапува спротивно на одредбата од ставот (1) на овој член, стои во Законот.