Фото: Принтскрин/МИА

Психологот и лиценциран психотерапевт Радмила Живановиќ во интервју за МИА, ја нагласува потребата за психолошка поддршка на сите оние кои биле директно засегнати од трагедијата во Кочани, најблиската заедница на жртвите, но и младите кои преку социјалните мрежи секојдневно гледаат информации кои носат дезиориентираност и затоа треба да се реагира веднаш и сега. Имаме и граѓани, вели таа, на кои им треба подолго време да направат одредени исчекорувања по оваа колективна трагедија.

– Во овој момент се потребни повеќе помош околу сместувањето, згрижувањето, негувањето на настраданите, организирање на превоз, сместување на самите семејства да бидат поблиску до нивните. Психолошка поддршка на сите коишто биле на некој начин директно засегнати, а се спремни да ја побараат, сите оние коишто се дел од нивната заедница, најблиска заедница па и дури младите коишто преку социјалните мрежи секојдневно сведочат на тие информации коишто носат една таква дезиориентираност и потребност да се реагира веднаш и сега. Од друга страна, имаме дел од граѓаните коишто целосно се замрзнати и не можат да се поместат, доживуваат таков тип на трауматска реакција, да им треба подолго време додека почнат да прават одредени исчекорувања- вели Живановиќ.

Интервјуто со психолот е снимено вчера на ден пред погребот на жртвите од страотниот пожар во кој животот го загубија 59 лица, а преку 170 беа повредени. Живановиќ вели дека не треба да се нарушува приватноста и тагувањето на оние на коишто им е потребно сега.

-Значи треба да имаме некој обзир и дистанца од некои случувања. Значи ние сите страдаме, но сечија болка е толку голема интензивна во овој момент, иако на колективно ниво, ова не е изолиран настан, ова е колективна трагедија. Секој треба да е во склад со себе да види што е она што може да помогне, но притоа да биде свесен дека треба да провери со оние коишто најмногу им треба дали таа помош е потребна во овој момент- вели Живановиќ.

Таа потенцира дека ова не е изолиран настан, туку колективен и дека некои препораки за справување со криза се навистина корисни и соодветните заедници… училиштата, на пример, треба да се ангажираат околу нив.

– Мора да знаеме да разговараме со децата чијшто најомилен бенд им бил ДНК. Оние деца коишто заспивале со нивната музика и се буделе да дојдат во училиште и да слушнат дека оние не смеат да пуштаат музиката на нивниот омилен бенд- вели психологот Живановиќ.

Смета дека претстои период кога ќе се нагласат сите оние процеси коишто се многу дисфункцонални во развојот на младите кај нас.

-Уште од самиот старт гледам дека младите имаат огромна сила и енергија да зборуваат за работите, да се здружуваат да кажат што мислат. Тоа е нашата иднина, но сепак уште од сам старт сум исто така сведок на возрасните коишто сакаат да ги конторлираат, да ги држат да им ги држат конците, да им кажат вака треба нели онака треба, не вака треба. Сето тоа ствара огромна пресија, затоа што системска траума всушност за која што сега овде седиме, зборуваме, а тоа е дека им даваме лекција на нив едноставно дека треба да бидат послушни. Знаете не треба да бидат послушни денес. Секое дете коешто загина, коешто беше таму е едно прекрасно битие. Ако малку само поразговарате сите имале високи вредности, биле многу добри луѓе, се прашуваме зошто работиве се случуваат на најдобрите- вели таа.

Ако продолжиме да ги учиме на послушност, смета Живановиќ, ќе завршиме сите на тоа место на коешто за жал, завршија тие невини млади.

– Не можеме да гледаме дека живееме во дворец, во суштина се тесниме во една шупа, мораме да ги научиме дека они имаат право да креираат услови во коишто ќе бираат и ќе сакаат да растат и да се развиваат – децидна е таа.

Живановиќ вели дека сите ние како колективно да имаме еден синдором во којшто се жртвуваме за потребите на насилникот незнаејќи дека треба некаде тука да престанеме.

-Јас се фатив себеси дека низ мене и преку мене делува сето она цензурирање што се случуваше годините, колку јас во суштината и сите ние се плашиме од сопствената агресија, и колку сме адаптирани да живеме во супстандардни услови. И кога некој нема да сака да живее во супстандардни услови, што велиме, што збориме дека е разгален, дека многу бара. Така како народ реагираме. Не велиме чекај јас, дали јас треба да побарам повеќе, дали јас треба да барам нешто друго. Него, викаме како не му е срам да бара. Да треба да бараме, и не треба да отстапуваме од барањето. Секој колку може нели- вели Живановиќ.

Посочува дека постојат две насоки, или ќе бидеме жртви и ќе продолжиме да бидеме жртви, или да кукаме дека други ни се криви и дека ние ништо не можеме, или пак ќе решиме дека некои работи ќе менуваме.

– Во таа насока треба да ги почитуваме емоциите и да ги прифаќаме емоциите на другиот, а да го отфрламе нашето чувство на беспомошност и немоќ. Да видиме што можеме да направиме во однос на промена на тоа чувство на беспомешност и немоќ – вели психологот Живановиќ.

Оваа голема трагедија што ќе ја живееме со години нека биде повик и за свесност, нека биде будење за коешто сите ние конечно треба да излеземе од тој длабок сон, нагласува таа, а не да ги тераме децата да ни се придружат во спиењето и во хипнозата.

Живановиќ е дел од тимот на „Психотерапика“ кои веднаш по трагедијата во Кочани понуди помош за оние на кои им е најпотребно.

-Повикот останува отворен во наредниот период. Ние знаеме дека нема да се појават луѓе веднаш затоа што им треба на луѓето да се ориентираат каде се наоѓаат во просторот, што им е потребно. Тешко е да стапат во контакт со своите потреби. Процесот на жалење допрва почнува. Она што јас очекувам дека ќе има поголема потреба понатака, после 40, 50 дена дека ќе почнат луѓето да се соочуваат со своите состојби, ќе излегуваат од шокот, ќе се сочуваат со реалноста – смета таа.

Најавува психоедукации и поддршка за нивните колеги помагачи кои работат со лицата кои се директно или индикретно засегнати од самата трагедија. – Во таа насока сакам да кажам дека тоа не се однесува само на луѓето коишто се директно засеганти, туку за сите оние коишто на некој начин во овој момент ги трошат неизмерно своите ресурси да ги дадат на располагање на сите оние на коишто им е потребно – здравствените работници, медицинарите, полиција, пожарникарите, војска и медиумите, вели во интервјуто за МИА психологот и лиценциран психотерпеврт Живановиќ.