Генералниот секретар на Владата Мухамед Зекири поднел неотповиклива оставка и за тоа објави на својот Фејсбук-профил.
Денес јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, како што информираа оттаму, донесе наредба за спроведување истражна постапка против двајца хрватски државјани и висок функционер во Владата во својство на службено лице, осомничен дека сторил кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување.
-Низ мојот работен век секогаш сум го одбирал вистинскиот пат, патот на чесноста, праведноста и вистината. На овие мои животни вредности сакам да останам доследен.
Затоа, како човек со личен интегритет, ја поднесувам мојата неотповиклива оставка од функцијата генерален секретар на Владата на Република Северна Македонија.
Верувам во институциите на системот, верувам во правичноста и праведноста и верувам дека вистината ќе излезе на виделина. На сите институции им стојам на располагање во секое време, за да ја докажам мојата невиност. Почитуван претседателе, ви благодарам на укажаната можност да бидам дел од вашиот владин состав и ви благодарам што верувате во мојата заложба и посветеност во работата – пишува во оставката упатена до премиерот Димитар Ковачевски.
Обвинителката Вилма Рускоска изјави дека предметот за истрагата за проневера Обвинителството за организиран криминал го добило во втората половина на 2021 година.
Ценејќи дека постои реална опасност осомничените да се дадат во бегство, дотолку повеќе што двајца се странски државјани, ако се има предвид кривичното дело што им се става на товар, како и опасност доколку осомничените се бранат од слобода да ги уништат трагите или да влијаат врз потенцијалните сведоци или да го повторат делото, јавниот обвинител до Судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје ќе поднесе предлог за определување на мерка притвор за тројцата осомничени.
Се бара притвор за владин функционер осомничен за штета над 795 илјади евра
– Во периодот од месец април 2021 година до месец јануари 2022 година, со искористување на својата службена положба првоосомничениот без спроведување на соодветна постапка за јавна набавка, склучил договор за консултантски услуги со правно лице во што со умисла му помогнале осомничените хрватски државјани. Со преземените дејствија осомничените за правното лице прибавиле значителна противправна имотна корист во вкупна вредност од 57.932.100 денари, а на штета на Буџетот на Македонија. Износ што бил поголем од 795.000 евра, односно од договорениот износ за вршење на консултантските услуги – се појаснува во соопштението на Обвинителството за организиран криминал.