Основното јавно обвинителство Скопје информира дека во текот на вчерашниот ден е лишено од слобода едно лице за кое постои сомнение дека било инволвирано во убиството кај Трговскиот центар „Мавровка“. Станува збор за затвореник кој бил во бегство од КПУ Затвор – Скопје.
Како што информираат од Обвинителството во тек се вештачења на материјалните докази со кои се утврдува основаноста на сомненијата за вклученост на ова лице во настанот, а осомничениот е вратен во затворот со максимални мерки за обезбедување.
– Со оглед на тоа што приведениот е осудено лице за друго кривично дело и бил во бегство од КПУ Затвор – Скопје врз основа на издадената потерница и по консултација со јавен обвинител, тој денеска е вратен во затворот со максимални мерки за обезбедување – стои во соопштението.
За овој настан, Основното јавно обвинителство Скопје претходно поведе истрага против едно лице кое се гони за кривични дела – убиство, обид за убиство и недозволено поседување оружје и на кое по предлог на јавниот обвинител му е определена мерка притвор во траење од 30 дена.