Полицијата во координација со Комисијата за оценување на исполнетост на условите по однос на простор, опрема и кадар за одгледување на канабис за медицински цели, извршила вонредна контрола и претрес врз основа на наредба за претрес издадена од Основен суд Гостивар, во фирма во село Врапчиште, Гостиварско, кое поседува одобрение за одгледување на канабис за медицински цели.
При влез во фирмата бил затекнат државјанин на Албанија, М.П. (35), кој извршувал работни задачи иако не е вработен во фирмата и нема регулиран влез и престој во државата. По преземени мерки, во станот каде што престојувал, пронајдени се марихуана и шприц со хашиш смола. Истиот ден М.П. со кривична пријава е предаден во ОЈО Гостивар.
Поради постоење на сомнение дека фирмата има засадени растенија канабис на парцела за која нема добиено дозвола, за време на претресот било присутно вешто лице од областа на геодезија, кој по претходно издадена наредба од јавен обвинител од ОЈО Гостивар, извршил увид на лице место и обележување на граници на катастарски парцели.
Согласно наодот и извештајот на вештото лице, утврдено е дека правното лице има насади на канабис растенија на парцела за која не поседува соодветна документација, односно не добило дозвола за садење на канабис растенија на наведената парцела.
По дадени насоки од ЈО на наведената парцела е утврдено дека се посадени 1.053 канабис растенија кои се одземени. По комплетирање на целокупната документација од страна на ОВР Гостивар до ОЈО Гостивар ќе биде поднесена соодветна кривична пријава за правното и одговорното лице.