Во складишен простор на компанијата „Грин лајф“, лоциран во валандовското село Јосифово, бил запленет еден тон марихуана. Станува збор за една од шесте фирми на кои им е одземена лиценцата за одгледување канабис за медицински цели, потврдија за МИА од Министерството за внатрешни работи, пренесува МИА.
-По наредба на јавен обвинител од Основно јавно обвинителство Гевгелија, полициски службеници од СВР Струмица, ОВР Валандово, денеска извршија претрес во простории на правен субјект за производство на марихуана во село Јосифово – велат од МВР.
Компанијата „Грин лајф“ се занимава со одгледување зачински, ароматични и лековити растенија, како и растенија наменети за фармацевтска употреба. Акцијата е дел од пошироките континуирани активности на надлежните институции насочени кон спречување на нелегалната трговија со дрога.
Министерот за здравство Азир Алиу на денешната прес-конференција информираше дека на вкупно шест компании им биле одземени лиценците за одгледување канабис за медицински цели, по утврдени бројни неправилности во нивното работење.
Покрај „Грин лајф“, лиценци се одземени и на компаниите „Алфафам“, која претходно беше поврзана со случај на шверц на марихуана во Србија, како и на „ЦБД медплант“, „Лајф плант“, „Атафарм“ и „Канабидоис“.
По одлука на Владата, надлежните институции започнаа сеопфатни контроли во сите 43 компании кои поседуваат дозволи за одгледување медицински канабис. Овие проверки следуваат по заплената на повеќе од 40 тони марихуана од неколку компании пред две недели.

































