За еден ден ќе почне првичната селекција на лицата кои треба да бидат ангажирани како пожарникари, како и дводневната обука со теоретски предавања и многу малку безбедносна пракса, по што тие ќе бидат распоредени низ територијалните противпожарни единици. Групата од Скопје која брои нешто повеќе од 40 лица, ќе биде распределена во рамки на ДЗС.
Како што соопшти раководителот на Главниот штаб за управување со кризи и директор на ДЗС Стојанче Ангелов, огласот заврши и сега следува средување на списоците и административна селекција.
Ангелов кој денеска на прес-конференција информираше за состојбата со пожарите во земјава, рече дека државата ги има под контрола сите ресурси за гаснење и дека тие се оптимално распоредени. Моментно на терен се и 199 војници, како и 30 припадници на полицијата.
Според него, може да се ангажираат колку што е потребно припадници на Армијата или да се моблизираат луѓе, но тоа не се пожарникари.
-Припадниците на Армијата се пред се војници, за сосема друга работа. Затоа помошта од Словенија и Франција може да е добредојдена. За обична бројка можеме да собереме, имаме на располагање луѓе, со тревога за еден до два часа може да упатиме доволно луѓе, но тоа не се пожарникари. Овие полицајци и војници се опремени со водни ранци и со пртивпожарни метли. Разбирам дека и опозицијата треба да каже нешто, да критикува, за разлика од лани, сега имаме многу специјални возила, 18 активни пинц гауери кои се распоредени на терен, 15 БТР-и со водни пумпи, хермелини,… Целиот систем беше разнишан минатите години, ер тракторите и лани немаа пилоти, годинава склучив договор со пензионираните пилоти, а добив повеќе од седум понуди од пилоти заинтерсирани за обука за ер трактори. Ако успеам оваа бројка најмалку двојно ќе ја зголемиме, ни фалат многу пилоти, разгледуваме можности преку ЕУ и ако се поволни можеби ќе се зајакнеме со уште неколку ер трактори- објасни Ангелов.
Тој е дециден дека пожар не се гаси од воздух, туку така само се помага.
-Пожар се гасне од земја. Категорично тврдам дека еден добар булдожер вреди повеќе од хеликоптер ако правилно биде употребен – истакна Ангелов.
Во врска со пожарите, претходно нагласи дека од вкупно 15 денеска, девет се активни, а шест се ставени под контрола, но ова бројка, оцени, се менува од миг во миг.
-По неколку часа претпоставувам дека бројот ќе биде поголем, иако некои пожари ќе бидат изгаснати или ставени под контрола. И понатаму најголем проблем е пожарот на Готен. Едниот крак се движи кон општина Радовиш, а другиот кон општина Берово каде превентивно беа евакуаирани неколку села иако пожарот е се уште далеку. Друг тежок пожар е над селото Ќосевица кај Македонска Каменица каде делумно е зафатена борова шума и има капацитет да се равзие. Според УХМР, вечерва североисточниот дел од земјава ќе биде зафатен од поројни дождови, а во текот на ноќта цел источен дел ќе има поројни врнежи кои веруваме дека ќе ни помогнат во справување со пожарите. Има тежок пожар и во Чашка кај село Ореше каде гори ниска вегетација, но и букова шума. Кај Македонски Брод меѓу Црешево и Крапа гори деградирана дабова шума, ниска вегетација, а огнот влегува и во квалитетна шума. Има пожар кај Прилеп, кај Илинден кој изби пред неколку часа и таму е скопската бригада, која се очекува брзо да воспостави контрола. Во Скопско вчера имаше уште еден пожар кај Петровец чиј еден крак е се уште активен, но верувам дека до вечер целосно ќе биде ставен под контрола- рече Ангелов.