Повторување на постапката за поранешниот директор на Царина Драган Даравелски е дозволено. Оформен е предмет, и ќе видиме, ќе се цени дали има пречки за водење на постапката, а тоа е застареност на делото. Ќе видиме, но сега за сега се чека да се закаже рочиште, па ќе видиме, велат од Основниот кривичен суд.
Од Основниот кривичен суд, денеска на брифинг со медиуми, во однос на случајот со Даравелски, посочуваат дека одлуката е согласно вториот протокол на Европската конвенција за екстрадиција, согласно што нашата држава дала гаранција на правото за повторно судење во 2015 година, кога бил приведен во Белград и било побарано негова екстрадиција.
– Ставот два од истиот член вели дека „кога замолената страна ќе го извести лицето за кое што е побарана екстрадиција, за тоа дека е донесена пресуда во негово отсуство, ова известување страната молител нема да го смета за формална нотификација“. Тоа значи дека не тече рокот од една година, иако сите знаеме дека бил во притвор, знаел и бил известен за пресудата – појаснуваат од Кривичен суд.
– Двата услови, посочуваат од Кривичен суд, се исполнети во член 456 – Повторување на постапка на лице судено во отсуство од Законот за кривична постапка од 2013 година, кој што го применуваме.
Ставот 1 од член 456 гласи „Кривичната постапка во која некое лице е осудено во отсуство, а настапила можност повторно да му се суди во негово присуство, ќе се повтори и надвор од условите предвидени во членот 364 од овој закон, ако осудениот или неговиот бранител поднесе барање за повторување на постапката во рок од една година од денот кога осудениот дознал за пресудата со која е осуден во отсуство“, додека став 2 од истиот член гласи „Надвор од случаите предвидени во ставот (1) на овој член судот во секој случај ќе дозволи повторување на постапката, доколку против лицето осудено во отсуство во тек е постапка за екстрадиција и доколку државата во која се наоѓа лицето бара гаранции дека на лицето ќе му се дозволи право на повторно судење во негово присуство“.
-Ова истото, е во однос и на аболицијата – посочуваат од Кривичен.
Кривичниот совет на Основниот кривичен суд Скопје, дозволи повторување на кривичната постапка против Драган Даравелски кој беше осуден на седум години затворска казна за кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“. Според пресудата, тој го оштетил државниот буџет за 2,5 милиони евра во периодот од 1999 до 2002 година.
Министерството за правда повеќе пати побара негова екстрадиција, откако тој пребегна во Србија. Даравелски беше уапсен во Белград во 2016 година по потерница од македонските власти, но тогаш српските власти не го екстрадираа, бидејќи имал српско државјанство.
Тој минатиот месец беше уапсен на граничниот премин Табановце при обид за влез во државава откако по промената на власт во 2002 година пребегна во Србија.