Фото: Маја Јаневска-Илиева

Мотоциклистите како учесници во сообраќајот се важен чинител на безбедноста на целиот сообраќаен систем. Таков став има и Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата. Во исто време од РСБСП изразуваат загриженост за возачите на мотоцикли, бидејќи, според нивните истражувања, токму во периодот што претстои мотоциклистите сѐ почесто ќе учествуваат во сообраќајни незгоди што често завршуваат со лесни или со тешки последици, а и процентот на смртни случаи е вознемирувачки висок. Затоа, фокусот за подигнување на нивото на безбедноста во сообраќајот деновиве е насочен токму кон, популарно наречените моторџии…

Високите температури ги вратија моторите на нашите улици

Со зголемувањето на температурите и подобрувањето на временските услови се промени и сликата за учесниците во сообраќајот на нашите сообраќајници. Така, сѐ почеста слика низ градските улици се мотоциклистите. Тие, токму со пролетта, на голема врата се вратија во сообраќајот. Но, за жал, со враќањето на мотоциклистите се вратија и лошите сообраќајни навики кај сите учесници во сообраќајот, при што повторно мотоциклистите влегуваат во најзагрозената категорија учесници во сообраќајот. Меѓутоа, сообраќајните статистики и полициските извештаи во билтените ги ставаат и мотоциклистите во групата учесници во сообраќајот што фреквентно ги кршат сообраќајните прописи. Имено, факт е дека сѐ поголема е бројката на санкционирани мотоциклисти, кои од разни причини не ги почитувале правилата за учество во сообраќајот.

НЕВНИМАТЕЛНИ, НЕДИСЦИПЛИНИРАНИ, НО И АГРЕСИВНИ МОТОРЏИИ

Факт е дека топлото време и екстремно високите температури ги прави возачите нервозни, што е евидентно доколку секојдневно сте учесник во сообраќајот. Независно дали со автомобил или со мотоцикл, секој дополнително брза побргу да стигне на крајната дестинација, при што прекршоците се редовна и пофреквентна појава во летниот период, како дел од сообраќајниот колаж.
Сепак, она што најмногу загрижува е непочитувањето на сообраќајните правила и прописи од страна на мотоциклистите, кои, очигледно сметаат дека ако се помали од автомобилите, можат и смеат да се протнуваат помеѓу нив, да возат на тротоари, да возат среде улица и, воопшто, да се доведуваат во опасност и себеси и другите учесници во сообраќајот.
За граѓаните, ваквата ситуација е недозволива и не смее да се толерира, бидејќи од дивеењето на моторџиите низ улиците не само што може да има сериозни последици по животот на многумина туку тие го нарушуваат буквално целиот тек на сообраќајот.
– Возат брзо, возат по тротоари, по велосипедски патеки, дивеат по паркови, а во вечерните часови, задолжителни се трките со пребучните мотори. И тоа е така буквално секое лето. Воопшто не внимаваат, очигледно мислат дека ако се помали од автомобилите, можат и смеат да се однесуваат како шерифи. Едноставно, недозволиво е такво однесување. Кога стоиме на семафори, задолжително се пикаат меѓу возилата, воопшто не внимаваат каде возат – вели Горан Димитриевски.

НЕСЛАВНИ РЕКОРДИ: ЗА ОСУМ ЧАСА КАЗНЕТИ 80 МОТОЦИКЛИСТИ

Само завчера, во период од осум часа, Министерството за внатрешни работи спроведе зајакната контрола на сообраќајот, во Скопје, при што беа санкционирани дури 80 возачи на мотоцикли.
Како што информираат од МВР, 45 воопшто не користеле заштитен шлем додека управувале со мотоцикл, 25 возеле без возачка дозвола, а другите биле санкционирани за други прекршоци.
Од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата информираат дека мотоциклистите како учесници во сообраќајот се важен чинител на безбедноста на целиот сообраќаен систем. Како што е наведено на нивната интернет-страница, возачите на мотоцикли што учествуваат во сообраќајни незгоди често завршуваат со лесни или со тешки последици, а и процентот на смртни случаи е вознемирувачки висок.
– Поради нивната директна изложеност кон надворешната околина, веројатноста за смртни случаи при сообраќајни незгоди со мотоцикли и мопеди е повеќепати поголема во однос на сообраќајните незгоди во кои учествуваат другите моторни возила. Затоа од огромно значење e носењето заштитна опрема и токму таа ја прави разликата помеѓу живот или смрт – наведено е на интернет-страницата на РСБСП.
Според досегашното искуство, во случај на сообраќајна незгода најподложни на повреди се главата, нозете и рацете на возачот на мотоцикл. Во согласност со тоа, од исклучителна важност е носењето заштитна опрема, како што се: заштитни шлемови, заштитни панталони, јакни, обувки, ракавици, очила и друго.

[email protected]