Седумдесет и деветгодишнатa Б.Н. од Штип свирепо била убиена од страна на 74 годишниот Д.А. исто така од Штип, кој претходно во неговиот дом ја држел против нејзината волја, а откако ја убил ја закопал во дворот.
Во писментото соопштение од Министерството за внатрешни работи се вели дека Секторот за внатрешни работи Штип во соработка со Одделот за криминалистичка полиција при БЈБ поднел кривична пријава против Д.А (74) од Штип поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „убиство” по член 123 и „противправно лишување од слобода” по член 140 од Кривичниот законик. Toj се сомничи дека во домот во кој живее во Штип против нејзина волја ја држел Б.Н.(79) од Штип, а потоа со остар предмет и нанел убодни рани од кои починала, по што телото го закопал во дворот.
Случајот бил пријавен во СВР Штип на 24.10.2025 година, кога 84-годишната Д.О. од Штип известила дека нејзината сестра Б.Н. се оддалечила од домот. По преземените мерки и сомнежите дека жената можеби била држена во домот на осомничениот, на 10.11.2025 година бил извршен претрес со судска наредба. При претресот биле пронајдени и одземени предмети и траги од крв, по што Д.А. бил лишен од слобода и задржан во притвор до 96 часа во Казнено-поправната установа Затвор Куманово.
По изработените вештачења и дополнителни мерки, во повторен разговор со полицијата осомничениот детално го појаснил начинот на кој, според МВР, го извршил делото.
Телото е пронајдено и по наредба на јавен обвинител било дадено на обдукција, а Д.А. бил изведен пред судија на претходна постапка, кој му определи мерка притвор во траење од 30 дена.


































