Илустрација / Фото: Маја Јаневска-Илиева

За неполна година, на двапати, се уништени надгробни споменици и се осквернавени гробови на православните гробишта во селото Гостиражни, општина Долнени. Лани во декември и годинава на крајот на октомври се вандализирани 13 од 16-те гробови во Гостиражни. Освен тоа, искршени се и прозорците на селската црква „Свети Атанас“.

Полицијата направи увид, но досега ништо нема откриено и не се знаат сторителите на овие ужасни чинови, вели Владо Спасески, жител на селото Гостиражни.

– Првиот пат, отидов да запалам свеќа на гробот на татко ми. Тоа што го видов беше страшно. Искршени и расфрлани споменици, венци. Почнав да шетам низ гробиштата и пронајдов многу уништени надгробни споменици. Глетката беше ужасна. Викнав полиција, направија увид, ме прашуваа дали сум видел нешто, но не видов ништо. И не знам кој може да ги вознемирува мртвите. Јас ја чукнувам кампабаната, ама оттогаш ми е страв сам. Првиот пат го забележав за Свети Никола, лани, а сега повторно се случи на 23 октомври. Освен тоа, меѓу двата вандалски чина, ги најдовме искршени со камен прозорците во црквата „Свети Атанас“ – објаснува Спасески.

Во Гостиражни се стотина жители од кои 10-тина од македонска, а најголемиот дел од албанска националност. Полицијата правела увид, но не се знае кој ги уништува гробовите.

– Ги најдов уништени надгробните споменици и од брат ми, и од татко ми, и од мајка ми. Од брат ми на двапати. Не знам кој може да го направи овој ужасен чин. Разговарав со другите, никој не знае ништо. Инаку, нема проблеми, живееме сите – рече Крсте Крстевски, жител на селото Гостиражни.

Од МПЦ остро ги осудија овие вандалски и неразумни чинови на сквернавење.

– Станува збор за вандализирани 16 горбови и искршени прозорци на црквата „Свети Атанас“ во Гостиражни. Ова говори дека се врши силен притисок, застрашување на православното население во Гостиражни, и ова ќе продолжи – рече во телефонската изјава меѓу другото владиката Петар.

Засега е необјаснето кој ги вандализира и ги сквернави гробовите на селото Гостиражни кое е до пругата Прилеп-Скопје.