Фото: Н.М.

Во притвор почина Владо Петров, еден од осомничените полициски службеници во случајот за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, во кој животот го загубија 62 лица, а повеќе од 200 беа повредени, соопштија на Фејсбук од Независниот синдикат на полицијата.

Владо Петров, како пензиониран полициски службеник беше осомничен дека додека бил Главен инспектор за сообраќајни работи потпишал документ за паркинг-просторот пред т.н. дискотека „Пулс“ во Кочани.
– Трагедијата во Кочани ја зема својата 63 жртва, за која најверојатно никој нема да зборува и да сноси одговорност. Владо не го издржа притисокот и не успеа да види ништо од пензијата. Правда за полицијата е повеќе од потребна, а веќе многу доцни – пишува на фејсбук-профилот на Независниот синдикат на полицијата.

Информацијата за смртта на пензионираниот полицаец ја сподели и Македонскиот полициски синдикат, од каде велат дека нивниот пензиониран колега, Петров не ја дочекал правдата.

– Системот наместо да ги заштити оние што чесно му служеле, често знае да ги скрши под товарот на неправдата. Владо Петров останува симбол на еден човек што го даде својот придонес за безбедноста, но не ја дочека вистината правната разрешница – велат од Македонскиот полициски синдикат.