Граѓани на српскиот град Ниш и претставници на македонската заедница се собраа во центарот на градот да им оддадат почит на настраданите од пожарот во дискотека во Кочани, јави МИА.
Здружението на граѓани на македонското национално малцинство „Вардар“ од Ниш, во соработка со Националниот совет на Македонците во Србија, организираше палење свеќи и потпишување во Книга на жалост.
Претседателот на Здружението на Македонците „Вардар“ Ниш, Благе Петрушевски, изрази длабоко сочувство со народот на Северна Македонија, објавија локални медиуми.
Градот Ниш се стави на располагање на семејствата на загинатите и повредените во разорниот пожар што однесе 59 животи во Кочани.
На седницата на Градскиот совет беше донесена одлука да им се обезбеди бесплатно сместување во институциите на системот, а градоначалникот на Ниш, Драгослав Павловиќ истакна дека ќе биде пружена сета потребна помош за погодените семејства да се чувствуваат безбедно и згрижени.
– Горд сум и што ние како град Ниш можеме да помогнеме. Денеска на Градскиот совет донесовме одлука да препорачаме одредени институции во системот да сместат семејства на настрадани во пожарот – рече градоначалникот.
– Во моментов имаме двајца пациенти во Воената болница и еден во Клинички центар. Мораме да им се ставиме на располагање и да им обезбедиме се што им е потребно. Сега не зборувам само како градоначалник, туку и како човек. Најважно е да се види што им треба на овие луѓе и нивните семејства во овој момент – рече тој.
Павловиќ утрово посети повредените во пожарот во дискотека во Кочани во Воената болница во Ниш. Градоначалникот Павловиќ на младите им посака брзо закрепнување и рече дека градот Ниш е тука да им помогне на нив и на нивните семејства во се што прават.
Според директорот на Воената болница во Ниш, полковник Небојша Ѓениќ, двајцата се млади момчиња на возраст од 17 и 25 години. Нивната моментална состојба е стабилна и покрај тешките повреди и изгорениците од втор и трет степен.
-На двајцата пациенти им е извршена операција, им се санирани изгорениците и се сместени на одделението за Интензивна нега каде се под постојан лекарски надзор. Нивните витални параметри постојано се следат и лекарите ќе ги користат за да донесат одлуки за следните чекори во лекувањето – рече Ѓениќ.
Покрај двајцата млади момчиња кои се сместени во Воената болница, во Ниш е донесена и жена која е тешко повредена во пожарот во Кочани.
Како што соопштија од Универзитетскиот клинички центар Ниш, пациентката е на 45-годишна возраст, хоспитализирана на одделението за Интензивна нега на Клиниката за анестезија на Универзитетскиот клинички центар Ниш и е под постојан медицински надзор.