Фото: ЕПА

Италијанската мафија доби сериозен „подизведувач“ во ликот на бруталната албанска мафија

Според Алтин Думани, кој е на чело на специјалното национално обвинителство против организиран криминал во Албанија, кое е „во војна“ со албанските кланови што се раширени во Европа, а особено во Италија, заедничките истражни активности со италијанските правосудни органи откриваат дека во Италија има албански државјани и групи инволвирани во синџир од криминални организации што вршат кривични дела како трговија со дрога, перење пари, трговија со луѓе, илегална имиграција и компјутерска измама. Тие се лоцирани во речиси цела Италија: Рим, Милано, Фиренца, Венеција, Анкона, Торино, Бари, Бреша, Бергамо, Порденоне, Пиза и Лече

Албанските кланови стануваат моќна организирана криминална група во Европа, а особено во Италија. Според официјалните податоци, тие ја преплавија цела Италија со дрога, благодарение на четвртата мафијашка организација позната под името Сакра корона унита, која, пак, е во тесна соработка со Коза ностра, со која албанските кланови тесно соработуваат.

Во изминатиот период наголемо се пишуваше за можното постоење на албанска мафија, која пустоши сѐ пред себе и која зема сѐ поголем замав. Меѓутоа, експертите за безбедносни прашања се категорични во расветлувањето на овој своевиден феномен – дали навистина постои албанска мафија или, пак, тоа е само медиумска категоризација?

Албански криминални мрежи

Како и секоја криминална организација, така и кај оние што се предводени пред сѐ од албански граѓани, една и единствена цел е незаконско збогатување преку криминални активности. Во овој контекст, нивните цели и задачи, исто така, во контекст на соработката со италијанските кланови, не се менуваат, туку имаат цел да акумулираат пари со кршење на законот.

Според Алтин Думани, кој е на чело на специјалното национално обвинителство против организиран криминал во Албанија, кое е во директна борба со албанските кланови што се раширени во Европа, а особено во Италија, заедничките истражни активности со италијанските правосудни органи откриваат дека во Италија има албански државјани инволвирани во кривични дела што главно се однесуваат на трговија со дрога, перење пари, трговија со луѓе, илегална имиграција и компјутерска измама. Тие се распоредени во повеќе градови: Рим, Милано, Фиренца, Венеција, Анкона, Торино, Бари, Бреша, Бергамо, Порденоне, Пиза и Лече.
– Истрагите досега открија соработки на албански групи со кланови од Апулија, главно во трговија со дрога. Понатаму, паралелната истрага спроведена со судиите на обвинителството во Катанија откри дека албанска криминална група соработувала со луѓе поврзани со Коза ностра за перење голема сума пари. Имаме индиции и податоци, кои ги споделуваме со правосудните органи на Италија, од кои произлегуваат сознанија како албанските групи соработуваат со италијански кланови или мафии – истакна тој за италијанските медиуми.

Експанзија на албанските криминални кланови и во европските земји

Според Думани, тешко е да се каже дали има проширување на албанските кланови во европските земји, но она што се забележува е дека овие групи успеаја да влијаат на пазарот на кокаин и канабис во земјите на ЕУ, главно активни во Грција, Италија, Шпанија, Белгија, Луксембург, Холандија, Германија, Данска и во Велика Британија.
– Во Албанија се запленети големи количества кокаин наменети за европскиот пазар – потенцираше тој.
Според обвинителот, во последната деценија се забележува зголемување на пратките на кокаин наголемо од Јужна Америка, контролирани од албански групи главно наменети за земјите од ЕУ.
– Овој развој е резултат на силните врски што успеаја да ги воспостават со картелите на дрога од Еквадор, Колумбија, Перу, Бразил и од Мексико – нагласи Думани.

Постои ли широка криминална мрежа поврзана како „албанска мафија“?

Како што истакна албанскиот обвинител, терминот „албанска мафија“ е попрво термин што го користат медиумите и академските кругови, бидејќи не е правен термин во албанското кривично законодавство.
– Да се ​​вратиме на материјата, не може да се каже дека денес имаме криминални структури што наликуваат на италијански мафијашки организации како Коза ностра, Ндрангета, Камора или Сакра корона унита. Албанските криминални групи се карактеризираат со блиски семејни и социјални врски, но без јасна хиерархија. Тие дејствуваат главно во мали групи и во соработка со локални организации или со други организирани албански криминални групи – информира тој.
Криминалните албански организации немаат еден единствен лидер на италијанскиот пазар. Тие дејствуваат драстично поинаку од која било друга организација.
Според досегашните анализи, Албанците се одликуваат со нивниот автономен оперативен стил, каде што, секако, не се исклучени случаите на соработка со други кланови составени од албански државјани и други националности.

Корупцијата им е специјалност на албанските криминалци

Албанските кланови, како и секоја друга криминална група, се обидуваат да ја ослабат силата на законот и за таа цел постојано се обидуваат да воспостават врски со институциите преку поткуп или уцена. Во Албанија, овој степен е доста висок, бидејќи досегашните истраги во неколку наврати покажаа дека криминалните организации успешно се инфилтрирале во државните институции, со помош на регрутирани полицајци и други службеници.
– Корупцијата е загрижувачки феномен за земјите во транзиција и Албанија не може да го избегне овој проблем. Албанското специјално обвинителство за организиран криминал и корупција (СПАК) смета дека борбата против корупцијата на високи државни функционери е суштинска за функционирањето на владеењето на правото и еден од главните приоритети на неговата работа. Од своето основање, СПАК санкционираше некои судии, обвинители, полицајци, градоначалници и поранешни градоначалници, заменик-министер, поранешен државен обвинител, поранешен министер за внатрешни работи за кривични дела корупција или злоупотреба на службената положба и во моментов има уапсено поранешен министер и пратеник на Собранието на Албанија – нагласи тој.

Уште една супспецијалност на албанките криминални организации:
ВРСКА МЕЃУ КРИМИНАЛОТ И ПОЛИТИКАТА

Според познавачите, врските меѓу криминалот и политиката, вклучувајќи ја и правдата, се албански феномен и не случајно е преземена широка реформа на судскиот систем во оваа земја.
Досегашните анализи на состојбата со организираниот криминал покажуваат дека најпогодени сектори од перењето пари се градежништвото, недвижностите, лесната индустрија, коцкањето и хотелскиот туризам.

Неодамна беше реализиран успешно случајот со градежникот од Палермо, Франческо Зумо, за кого римска „Република“ пишува дека е поврзан со мафијашката организација Коза ностра и дека се обидел да изнесе пари од Италија за да се избегнат полициско-обвинителската постапка и одземање имот. Тој е осомничен дека се обидел да испере околу 18 милиони евра преку албански банки, па дури имало обид парите дополнително да се „исперат“ преку црногорски банки, но тоа не се реализирало. СПАК ја блокира оваа трансакција и судиите ја разгледуваат постапката со цел дефинитивно да се одземе целата сума од 18 милиони и 400 илјади евра, нагласи обвинителот.

Главната опасност од албанскиот организиран криминал е неговото влијание врз економијата на земјата. Перењето пари преку различни инвестиции ги нарушува пазарната економија и слободната конкуренција. Зајакнувањето на криминалните групи доведува и до зголемување на насилните конфликти меѓу нив, со последица по безбедноста на граѓаните.