По насока на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди изврши детални проверки во врска со постапувањето на Секторот за внатрешни работи (СВР) Велес по сите настани кои биле пријавени од страна на жртвата Росица Коцева. Во најголемиот дел од случаите полицијата постапила согласно законските процедури, за што била поднесена и кривична пријава против пријавениот, која заврши со условна пресуда во судска постапка. Сепак, внатрешната контрола утврди дека во дел од претходните пријави на жртвата не било постапено целосно согласно законските обврски и процедурите, информира МВР.
Врз основа на извршените проверки е поднесен предлог за поведување дисциплинска постапка за 11 лица вработени во СВР Велес, а за утврдените наоди писмено е известено и Јавното обвинителство за натамошно постапување во рамки на нивната надлежност.
– Остануваме посветени на транспарентност, професионалност, отчетност и одговорност и во тој контекст ќе продолжиме со унапредување на процедурите и отстранување на системските недостатоци за поголема ефикасност на полицијата во заштитата на граѓаните – наведува МВР.