Фото: МИА/ВМА

Шест пациенти од пожарот во Кочани се на лекување во Воено-медицинската академија во Белград и еден е во Ниш и сите се во тешка состојба, јави МИА од Белград. Тоа го изјави попладнево заменик началникот на ВМА, Иван Лековиќ.

Пациентите се транспортирани со три амбулантни возила и транспортен авион на Армијата на Србија, а еден пациент со воен санитет е пренесен во Воената болница во Ниш.

– Сите пациенти примени на ВМА се млади, родени од 1998 до 2007 година и се на одделението за Интензивна нега, а нивната состојба е сериозна и тешка. Покрај изгорениците што ги имаат сите, пациентите имаат и знаци и симптоми на труење од гасови  како и повреди при вдишување, односно оштетувања на дишните органи и бели дробови. Третманот е долготраен, бара бројни хируршки интервенции, вклучување на бројни други специјалисти… Сето тоа бара време и многу труд – рече полковник Лековиќ.

Пациентот кој е примен во Воената болница во Ниш е опериран и исто така е во тешка состојба.

Заменик-началникот на Воено-медицинската академија потсети дека со медицински транспорт испратиле шестчлена медицинска екипа во Северна Македонија.

– Тие останаа во Скопје и им помагаат на колегите од Северна Македонија во хируршкото лекување на пациентите. Ќе бидат таму онолку колку што е потребно – нагласи полковникот Лековиќ.

Кога станува збор за идна евакуација на пациенти, Лековиќ истакна дека српски воено-транспортен авион ќе слета во Скопје, каде ќе пренесе 12 нови пациенти и дека по тријажа и проценка на нивната состојба, тие ќе бидат распоредени во ВМА и во Клиничкиот центар на Србија.