Фото: Принтскрин

Еден од тројцата преживеани во тешката сообраќајна несреќа во Романија, во која животот го загубија седум навивачи на ПАОК, се огласи од болницата во Темишвар, изразувајќи длабока тага поради загубата на своите пријатели и опишувајќи ги моментите по трагичниот судир, објави „То Вима“

Тој од болничката соба изјави дека не бил возач и дека не може со сигурност да каже што точно се случило и која е причината за несреќата.

– Денес е ден на тага. Ги жалам моите пријатели. Загубата е премногу голема за да се зборува за одговорност или сведочења – изјави тој.

Тој посочи дека е сместен сам во болница и дека има сериозни потешкотии во комуникацијата, бидејќи не зборува романски јазик, а англискиот го користи ограничено. Случајно ги слушнал гласовите на другите двајца повредени додека биле носени на медицински прегледи, што му било првиот знак дека се живи.

Лекарите го информирале дека тројцата повредени имале стабилна ноќ и дека нивната здравствена состојба се подобрува, а постои можност во наредните денови да бидат пренесени со авион.

– Целосно сум свесен и се сеќавам на сè што се случуваше пред судирот. Бевме како браќа – рече преживеаниот, додавајќи дека групата била составена од навивачи од различни делови на северна Грција, кои заедно го започнале патувањето кон Франција.

Несреќата се случи во вторникот, на 27 јануари, нешто пред 13 часот, на прометен и опасен пат, неколку километри по градот Каранешбеш. Комбето во кое патувала групата навивачи, при обид за претекнување, преминало во спротивната коловозна лента и странично се судрило со камион. Од силниот удар, возилото било целосно уништено.

Во несреќата загинаа седум лица, додека тројца се здобиле со повреди и се хоспитализирани во Темишвар.

________________________________________________________________________

Дрога и алкохол во крвта на возачот на минибусот со навивачите на ПАОК, пишуваат романските медиуми

Токсиколошките анализи спроведени од Институтот за судска медицина во Темишвар, потврдиле присуство на канабис, кокаин и алкохол во крвта на возачот на минибусот што во вторникот се судри со камион во Романија, а животот го загубија седуммина навивачи на грчкиот клуб ПАОК, изјавила за националната романска новинска агенција „АГЕРПРЕС“ портпаролка на Обвинителството во Судот во Лугој, јави дописничката на МИА од Атина.

Обвинителката Берта Константинеску, портпаролка на Обвинителството при Основниот суд во Лугој за новинската агенција посочила дека токсиколошкиот извештај потврдил „присуство на две психоактивни супстанции – канабис и кокаин во крвта на возачот“, а исто така, бил откриен и алкохол.

– Дополнително, во возилото беа пронајдени две кесички со супстанции за кои се претпоставува дека се психоактивни, но лабораториската потврда сè уште е во тек. Случајот го истражува Одделението за криминалистички истраги на општинската полиција во Лугој – Сообраќајна служба, под надзор на Обвинителството при Судот во Лугој – изјавила портпаролката за „АГЕРПРЕС“.

Државниот секретар во Министерството за внатрешни работи на Романија Богдан Деспеску, како што пренесе „Јуроњуз“ на романски јазик, изјавил дека во текот на истрагата биле идентификувани супстанции кои можно е да се забранети, но дека тоа е предмет на истрагата за да се утврди за какви супстанции станува збор.

Додал дека „за време на обдукцијата беше констатирано присуство на забранета супстанција“.

Двајца од повредните претпладнево со специјален авион беа вратени во Грција и хоспитализирани во солунска болница, додека пак третиот останува на лекување во Романија.

Вечерва, телата на загинатите со авион на грчкото воено воздухопловство беа пренесени во Солун, а навивачите на ПАОК организираа собир за да им оддадат почит.