На полигонот „Криволак“ утре ќе се уништи голема количина на минско-експлозивни средства запленети пред 15 години, соопшти Министерството за внатрешни работи.
-Денеска, полициски службеници од страна на Оддел за криминалистичка полиција – Единица за недозволена трговија со оружје, опасни материи и радиоактивен материјал во координација и содејство со полициски службеници од Единица за откривање и демонтирање на експлозивни средства и направи при Оддел за сузбивање на организиран и сериозен криминал, врз основа на претходно изготвен план преземаат соодветни мерки и активности за ништење на огромна количина на минско-експлозивни средства. После цели 15 години, во текот на утрешниот ден, минско-експлозивните средства од касарна „Ѓорче Петров“ до армискиот полигон „Криволак“ ќе бидат транспортирани со товарни возила-камиони на АРМ каде во присуство на Комисијата за уништување на оружје, делови и компоненти на оружје, муниција и експлозивен материјал, од страна на полициски службеници од Единица за откривање и демонтирање на експлозивни средства и направи, стручни лица од АРМ и пиротехничари од Дирекција за заштита и спасување ќе биде спроведено нивно уништување со контролирана детонација – посочуваат од Министерството.
Како што посочуваат од МВР, фактот дека ова е прв случај на уништување на ваков тип минско-експлозивни средства по цели 15 години, за жал, говори дека претходно не била соодветно третирана безбедноста на граѓаните со должната сериозност.
-Денешниот чекор јасно покажува дека со одговорен пристап, вистинска посветеност и професионално раководење, овој сегмент од безбедносниот систем конечно се поставува на ниво какво што одамна требало да биде – соопштуваат од МВР.


































