Едно лице загина во пукање што се случи синоќа во скопски Чаир. Полицијата вели дека две лица пукале од автоматско оружје во угостителски објект. Оружениот напад се случил на крстосницата од булеварите „Босна и Херцеговина“ и „Христијан Тодоровски Карпош“.
– На 25 април околу 21.40 часот во СВР Скопје било пријавено дека во угостителски објект на ул.„Браќа Реџепагиќ“ две лица пукале со автоматско оружје. Од пукањето со тешки повреди се здобил Ј.И.(47) од Скопје и бил пренесен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“, каде што околу 22.20 часот починал – соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР).
Тројца се здобиле со повреди во нападот.
– Со повреди се здобиле М.А.(43) и Л.Ш.(42) од Скопје, кои биле пренесени во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“ за укажување на лекарска помош. Додека во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ со повреди-исекотини на раката бил донесен А.И.(30) од Скопје. Увид на местото извршиле полициски екипи и се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителите и за расчистување на случајот – велат од МВР.
Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје синоќа изврши увид во Чаир, каде во инцидент со огнено оружје едно лице беше лишено од живот, а двајца беа повредени, информираат од Јавното обвинителство.
– Јавниот обвинител издаде наредби за прибирање и анализа на трагите пронајдени на лице место, како и наредба за обдукција на починатиот. По наредба на јавниот обвинител обезбедени се снимките од видео надзорот на околните објекти. Се работи на утврдување на идентитетот на сторителитe – се наведува во соопштението од Обвинителството.