Фото: „Нова Македонија“

Триесет и едногодишната Р.К. од Велес, која вчера беше убиена од нејзиниот поранешен партнер, неколку пати го пријавувала осмничениот И.С. за насилство, за што на 10 септември годинава бил и условно осуден, а имал и пријави за непочитување на забраната за приближување, изречена како дополнителна мерка за заштита од семејно насилство во граѓанска постапка. Случаите биле пријавени во ОЈО Велес, а во март и во ОЈО Скопје, каде тој речиси истворемено ја пријавил дека му поднесува лажни пријави со цел да му изнуди пари. Во мај годинава тој од нејзиниот дом го одзел и го запалил автомобилот во сопственост на нејзиниот татко.

Прес-службата на ЈОРСМ информира дека Основното јавно обвинителство Велес на 10 април 2025 година против осомничениот поднел обвинителен предлог за два настани: „Загрозување на сигурноста“ за настан на 20 февруари 2025 година и „Насилство“ за настан ноќта меѓу 3 и 4 март 2025 година со нанесена полесна телесна повреда на партнер на оштетената.

– Во рамките на оваа постапка, ОЈО Велес нареди и психијатриско вештачење на обвинетиот, а вештото лице се произнесе дека тој не боледува од душевна болест, бил пресметлив во моментот на сторување на делото, бил способен да го сфати значењето на своите постапки и кај него не е регистрирана патолошка опсесивност или патолошка фиксација кон оштетената. На 10.09.2025 година, Основниот суд во Велес, постапувајќи по ова обвинение изрече пресуда со која обвинетиот го огласи за виновен и му изрече алтернативна мерка – условна осуда. Притоа со решение му беа укинати другите мерки на претпазливост кои беа на сила во текот на постапката, но на сила до правосилноста на пресудата остана мерката – забрана за приближување и воспоставување контакти со оштетената и нејзиниот партнер, определена по барање на обвинителството. Оваа одлука на судот во Велес само што е примена во ОЈО Велес и обвинителството сѐ уште немаше можност да се произнесе по неа со евентуална жалба – стои во соопштението од ЈОРСМ.

На 21 мај 2025 година оштетената го пријавила обвинетиот во ОЈО Велес и за неизвршување на судска одлука, бидејќи и покрај дополнителните мерки за заштита од семејно насилство изречени и во граѓанска постапка, тој, како што се наведува, не ги почитува и продолжува да ѝ испраќа пораки и фотографии со обид да оствари комуникација со неа, а на 18 мај се приближил до нејзиниот дом и го одзел и го запалил автомобилот во сопственост на нејзиниот татко.

– По оваа пријава, ОЈО Велес ја испита оштетената и на 26 јуни 2025 година издаде наредба до МВР за обезбедување докази од телефонската комуникација, како и четири наредби за обезбедување снимки од видео надзор од различни локации во градот. По овие наредби МВР постапува – информираат од Обвинителството.

На 25 март 2025 година оштетената го пријавува осомничениот во ОЈО Скопје за настан случен на 27 декември 2024 година, кога за време и по враќање од патување во Р. Бугарија, осомничениот се обидел да ја задржи во стан во Скопје и ѝ нанел лесна телесна повреда од чл. 130 ст. 2 од Кривичниот законик.

– Според наводите од пријавата, оштетената извесен период претходно пријавила и во МВР.  Речиси истовремено, и пријавениот поднесува пријава до ОЈО Скопје со која ја товари оштетената дека му поднесува лажни пријави во МВР со цел да му изнуди пари. Иако настанот во обвинителството беше пријавен три месеци по случување, ОЈО Скопје ја прибави медицинската документација, како и другите докази за целосно испитување на настанот – стои во соопштението.

Врз основа на тоа, обвинителството, како што се наведува, ја отфрли кривичната пријава за лажно пријавување поднесена од Стефановски, а по пријавата поднесена од Коцева продолжи да постапува.

На 9 септември 2025 година оштетената дала исказ во ОЈО Скопје и се изјаснила дека останува на предлогот за кривично гонење на осомничениот.