Казни од по 2.000 евра се изречени за адвокатите Дончо Наков, Мерџан Даути и Боро Тасевски кои утрово не се појавија на судењето за случајот „ТНТ“.
Судот им бара адвокат по службена должност на четворица обвинети. Во судницата адвокати имаат само Миле Јанакиески, Никола Груевски и уште еден обвинет.
Адвокатот Тасевски синоќа го откажа полномоштвото на ексградоначалникот на Општина Гази Баба, Тони Трајковски, затоа што не му било посочено дека денеска ќе има рочиште.
Судијата Ставрев и обвинителот Бурим Рустеми рекоа дека денешното бојкотирање на адвокатите значи одолговлекување на постапката, која во овој предмет се прави од претходниот месец.
Во предметот „ТНТ“, кој се однесува на уривањето на станбено-деловниот комплекс „Космос“ на бизнисменот Фијат Цаноски, меѓу обвинетите се поранешниот премиер Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Јанакиески, како и поранешниот градоначалник на општина Гази Баба, Тони Трајковски.
Според обвинението, тие во 2011 година сториле кривично дело од политичка омраза со уривање на комплексот „Космос“ на Фијат Цаноски.