Адвокатот на таткото на Вања, Владимир Туфегџиќ кажа дека денеска во воведните говори на Јавното обвинителство не слушнале која е поткрепата на обвинението за Александар Ѓорчевски и врз основа на кои докази го темели обвинението за стореното кривично дело.
Адвокатот додаде дека таткото на Вања е жртва и оштетен во постапката.
– Александар е жртва, тој е оштетен во оваа постапка, тврдам дека секој родител на кој би му се случило вакво нешто би го презел апсолутно истото што го презел тој, би водел своја самостојна истрага. Сведоци сте дека обвинението се темели токму на доказите кои ги прибавил Александар и тоа со знаење и со согласност на полициските службеници за кои барам да бидат испитани да видиме како ја воделе постапката – рече адвокатот и додаде дека „тврди дека ова не е водено онака како што треба, затоа го имаме тој резултат во однос на Александар“.
Туфегџиќ кажа дека не знае кој ќе биде концептот на одбрана на останатите.
– Јас сум доведен во позиција да бранам потполно невин човек, за кој нема ниту еден доказ – додаде адвокатот.
Во однос на тврдењето на Обвинителството дека само таткото на Вања знаел дека таа ќе оди тој ден сама на училиште, адвокатот кажа дека таков доказ тој нема, а од каде се тие заклучоци Туфегџиќ кажа дека Јавниот обвинител треба тоа да го презентира.
Според адвокатот, Алексадар е класично злоупотребен.
– Неговите дејствија во насока на самостојна истрага се злоупотребени и погрешно протолкувани. Тој бил во секојдневна комуникација со своите деца – додаде Туфегџиќ.