Фото: Нова Македонија

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против три лица, осомничени дека заедно извршиле кривично дело – Напад на службено лице при вршење работи на безбедноста од член 383 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

– Тројцата соизвршители, заедно со уште едно дете против кое ќе се води соодветна постапка согласно Законот за правда за децата, на 5 август во вечерните часови, на улицата „Босна и Херцеговина” нападнале тројца полициски службеници. Полицајците постапувале по дојава дека на наведената локација има вооружени лица со автоматски пушки. Се обиделе да ги легитимираат осомничените, но тие одбиле и физички ги нападнале полицајците, удирајќи ги со боксови. Полициските службеници успеале да ги совладаат и ги привеле – информираат од ОЈО.

Оттаму додаваат дека Јавниот обвинител, ценејќи ги сите околности, предложил на осомничените да им бидат определени мерки на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, обврска да се јавуваат повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган и привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за нејзино издавање.