Во полициска акција во Штип вчера е пресечен меѓународен транспорт на марихуана, вредна 500 илјади евра, при што се приведени три лица.
Полициски службеници во координација со обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, (ОЈО – ГОКК) вчера пресекоа меѓународен транспорт на марихуана во количина од околу 150 килограми, од Косово преку територијата на Македонија со Турција како крајна дестинација, информираат од МВР.
– Во попладневните часови на 30.03.2022 на паркинг пред угостителски објект во Штип е забележано паркирано патничко возило „ауди А6“, со кумановски регистарски ознаки, а до возилото биле пријавените И.Д.(50), К.К.(39), двајцата од Подујево, Р.Косово и Б.Р.(34) од Куманово. И.Д. и К.К. се обиделе да избегаат, но биле фатени и сите тројца се лишени од слобода – соопшти портпаролката на МВР Сузана Прањиќ Талевска.
При извршен преглед на патничкото возило, биле пронајдени вкупно 92 полиетиленски пакувања со марихуана, спакувани дел во патни торби, дел во багажниот простор од возилото во делот за резервната гума и на задните седишта од возилото, а кај приведените лица се пронајдени и повеќе мобилни телефони, СИМ картички од мобилни оператори од Р.Косово и Р.С.Македонија и пари, кои се предадени на вештачење.
СВР Штип денеска до ОЈО – ГОКК ќе поднесе кривична пријава против 4 лица (3 косовски и 1 државјанин на РСМ), од кои тројцата се веќе приведени, а за едно лице, кое со товарно возило требало да ја преземе дрогата од Штип и да ја пренесе до Република Турција се преземаат мерки за негово пронаоѓање.