Три лица се лишени од слобода, а две се повикани на службен разговор поради случаи на семејно насилство во Скопје, информираа од Министерството за внатрешни работи.
Според полицијата, синоќа околу 20.30 часот полициски службеници од СВР Скопје го привеле А.Г. (43) од Скопје, по пријава дека околу пладне во семејниот дом на подрачјето на Шуто Оризари физички ја нападнал и извршил обљуба врз својата 40-годишна сопруга, со која веќе извесен период не живееле заедно.
Претходно истиот ден, во утринските часови, бил приведен и И.А. (38) од Скопје. Тој бил пријавен дека околу 05.30 часот во семејниот дом во општина Центар физички ја нападнал својата 36-годишна партнерка. Според информациите, жената при нападот се обидела да се одбрани и го удрила со стаклено шише.
Во друг случај, на 7 март во 21.15 часот полицијата го лишила од слобода Д.Д. (61) од Скопје, откако бил пријавен дека околу 16 часот во домот на подрачјето на Карпош физички ја нападнал својата 52-годишна сопруга.
Полицијата извршила и службени разговори со уште две лица. Во Кисела Вода, во полициска станица бил повикан С.Х.Н. (70) од Скопје, по пријава дека претходниот ден во семејниот дом физички ја нападнал својата 30-годишна ќерка.
Во друг случај, во Шуто Оризари бил извршен службен разговор со Х.М. (54) од Скопје по поплака од нејзината 29-годишна снаа. Според пријавата, жената во изминатите две години континуирано ја навредувала снаата, а во минатото и физички ја нападнала. Дополнително, при интервенцијата таа се однесувала агресивно и кон полициските службеници.
Од МВР информираат дека по целосно документирање на случаите ќе следуваат соодветни пријави против инволвираните лица.

































