Обвинителството бара притвор за 18-годишник од Скопје кој на 30 август во период од половина час украл автомобил, прегазил пешак и избегал од местото на несреќата.
Скопското обвинителството спроведе истражна постапка против тинејџерот за одземање на моторно возило, тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, како и неукажување помош на лице повредено во сообраќајка.
На 30 август, од паркинг просторот пред зграда лоцирана на булеварот „3-та Македонска Бригада“ противправно одзел туѓо моторно возило со намера да го употреби за возење. Управувајќи го украдениот автомобил „Алфа Ромео“ со скопски регистарски ознаки, по булеварот „Борис Трајковски“, осомничениот не се придржувал кон прописите и со тоа го загрозил јавниот сообраќај и го довел во опасност животот на луѓето.
– Автомобилот го управувал без возачка дозвола, а брзината на движење на возилото не ја приспособил спрема својствата на патот, густината на сообраќајот и другите сообраќајни услови, изгубил контрола над управувачот и со возилото излегол надвор од коловозот на тротоарот од десната страна, каде удрил во телото на пешак. Од ударот, оштетената која се движела како пешак по тротоарот, се здобила со тешки телесни повреди и подоцна починала. По ударот, без да укаже помош на оштетената, осомничениот продолжил да вози, повторно изгубил контрола над управувачот од возилото и удрил во метална ограда. Го оставил возилото и пеш го напуштил местото, криејќи се од органите на прогонот – информираа од Обвинителството.
Бидејќи постојат околности што укажуваат на опасност од бегство и постојат особени околности што го оправдуваат стравот дека осомничениот ќе го повтори кривичното дело, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје попладнево достави предлог за определување мерка притвор.